Изложба на фотографии и панел дискусија „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“, организирана со поддршка на заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа, проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, ќе се одржи денеска, 13 декември 2023 година во 18.30 ч, во Мала станица, Скопје.
„Целта на овој настан е да се прослави Меѓународниот ден на човекови права и да се подигне свеста за важноста на пристапот до правдата за сите и за користа којашто ја носи за сите. На настанот учесниците ќе имаат можност да видат изложба на најдобрите фотографии избрани од фото-натпреварот ‘Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!’, којшто беше објавен на Европскиот ден на правдата“, велат организаторите.
Главни панелисти ќе бидат:
- Мухамед Точи, Државен секретар во Министерството за правда на Северна Македонија,
- Елена Јовановска Брезоска, Раководителка на Одделот за Југоисточна Европа во Советот на Европа,
- Љубомир Михајловски, Претседател на Адвокатската комора, и
- Милица Шутова, Раководителка на Правната клиника при Универзитетот Гоце Делчев во Штип.
По панел-дискусијата, Државниот секретар на Министерството за правда ќе ги објави победниците на натпреварот. На настанот ќе има и музички настапи на студентите од катедрата за џез (Универзитет Гоце Делчев во Штип).
Настанот е организиран во рамките на заедничката програма на Европска Унија/Совет на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“, иницијатива за соработка со цел да им се помогне на земјите-кориснички во Западен Балкан и Турција да ги исполнат европските стандарди.