Објавена книгата „Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Во издание на Центарот за култура и културолошки студии е објавена книгата „Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска. Ова е прва книга во која со книжевнонаучен пристап се анализираат женските ликови од современата македонска проза со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Но, во исто време, во оваа книга се отвораат и низа други прашања и теми, при што за некои од нив и храбро се отвора полемика.

 – Тумбовска успева на страниците на оваа книга, во исто време да се присутни женските ликови од современата македонска книжевност кои му пркосат на времето во кое живеат и се одделуваат од типичната слика за македонската конвенционална жена. Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место – во Македонија, таа и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив, покажувајќи дека тоа е можно со примена на книжевната теорија. И успева да одговори на предизвикот од кој е произлезена оваа книга – да ги претстави и анализира модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Клучно – успева да создаде книжевнонаучна студија која не само што води до нови заклучоци, туку и отвора нови прашања, истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.

 Во оваа книга, за првпат, преку книжевнонаучна студија во исто време се присутни и анализирани женски ликови од романите на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски.

 Според уредникот на изданието, Иван Антоновски, значајно е што во својата книга, Тумбовска ја проследува и еволуцијата на жената како лик во современата македонската книжевност – од целосна занеменост до голема гласност.

 – Но, особено важно е и што анализирајќи ги модалитетите на женскоста, таа, преку конкретни, и теориски поткрепени размислувања, анализи и тези се обидува да отвори полемика за тоа дали постои разликата меѓу машкото и женското писмо. Тумбовска, за првпат, толку женски ликови од македонскиот роман заеднички ги поставува на книжевнонаучната сцена, за преку неа, тие (одново) да влезат во нашите животи, поттикнувајќи нè на размисла за конкретни прашања кои и излегуваат од просторот на книжевната наука. Затоа, мора да се нагласи дека оваа книга е влог и во македонската културологија, подвлекува Антоновски.

 Во „Македонската книжевна жена“ е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?

 Инаку, ова е прва книга на Ирина Тумбовска, а нејзината првична верзија беше магистерски труд работен под менторство на професорката Весна Мојсова-Чепишевска, одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

 „Македонската книжевна жена“ е објавена во едицијата „С/Мисла“ во која претходно беше објавена и дебитантската книга на Моника Илкова, „Книжевна мапа на Скопје“. Книгата на Тумбовска, веќе е достапна за читателите и во книжарниците. 

Share This Article