Пожар избувна во болница во предградие на Рим, при што загинаа најмалку четири лица. Објектот и пациентите се евакуирани, соопштија официјални лица.
Пациентите на интензивна нега во болницата „Св. Јован Евангелист“ во Тиволи веднаш биле префрлени во други болници со брза помош, се вели во соопштението за печатот од кабинетот на градоначалникот на Тиволи.
Помалку критичните пациенти биле преместени во блиската општинска сала за вежбање додека не можат да бидат префрлени во други институции, пренесува АП.
Пожарот избувнал доцна синоќа и на крајот бил ставен под контрола, а потврдена е смртта на четири лица, се вели во соопштението на противпожарната служба.
Тиволи, кој се наоѓа на околу 35 километри североисточно од центарот на Рим, е популарна туристичка дестинација. Најпознат е по археолошките локалитети Вила д’Есте и Вила Адријана, од кои и двете се места на светско наследство на УНЕСКО.