Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ што се одржа во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а по повод кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство.
Во своето обраќање, г-а Ѓоргиевска истакна дека денеска сме тука не само за да ја признаеме тежината на проблемот, не се собравме за уште еднаш да ја потенцираме комплексноста на предизвикот, туку овде сме и за да идентификуваме опипливи решенија што може да се спроведат за зајакнување на оваа заедничка борба, односно да бидеме иновативни во соработката која ќе направи трајни промени во борбата против семејното и родово-базираното насилство.
На тркалезната маса, претставниците на министерства, на дипломатскиот кор, на меѓународните и граѓанските организации во земјава дискутираа за улогата на институциите во борбата против семејното насилство, улогата на граѓанските организации во обезбедувањето заштита од насилство врз жени и семејно насилство, како и за улогата на граѓанските организации во прогонот и повеќесекторскиот одговор на насилството врз жените и семејното насилство.
Настанот има за цел да ја истакне потребата од сеопфатен пристап за спречување, заштита и обезбедување ефективно гонење на сите случаи на насилство врз жени и семејно насилство.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.
Почитувани амбасадори,
Почитувани модератори,
Почитувана министерке Јована Тренчевска,
Почитувани панелисти,
Драги гости,
Денешниот настан претставува значајна компонента на пошироката кампања „16 дена активизам против родово-базирано насилство“, која има за цел да најде колективен одговор за справување со еден од најитните предизвици со кои се соочуваат општествата ширум светот, зашто семејното насилство е прашање што ги надминува географските, културните и социо-економските граници, погодувајќи ги поединците од сите сфери на животот.
Тоа е сурова реалност која уништува животи. Вознемирувачка вистина која ја еродира структурата на сите општества. Семејното насилство не е приватна работа, туку општествена грижа која бара координиран одговор, унисон глас кој ќе го пробие молкот на оние кои страдаат во тишина. Неопходна е соработка што ја надминува реториката и води до конкретни, трансформативни резултати.
Поразувачки е моментот кога при подготвувањето на одреден настан, активност или кампања за подигнување на свеста за одредена проблематика, наидуваме на статистика која ве соочува со отрезнувачка вистина. За жал, таков е денешниот случај. Во процесот на подготовка за оваа дискусија – за чија организација и можноста да ја отворам упатувам искрена благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје – не можев, а да не го забележам загрижувачкиот јаз меѓу реториката, меѓу правната рамка и реалноста.
Имено, и покрај нашите најдобри намери, многубројните кампањи за подигање на свеста, законските обврски, донесените закони од оваа област, бројките укажуваат на разочарувачкиот факт дека ситуацијата не само што не се подобрува, туку и се влошува. Од 2019 година до денес, сведоци сме на над 20 случаи на фемицид – убиство на жена само затоа што е жена и претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. Повеќето од овие жртви страдале од рацете на нивните поранешни или сегашни партнери или сопружници, во рамките на наводната безбедност на нивните домови.
Кога говориме за семејното и родово-базираното насилство, не можеме да го изолираме од насилството во сите општествени сегменти. Станува збор за консеквентни и поврзани процеси кои се насекаде во социо-културниот и социо-економскиот контекст. И, за жал, ескалацијата на овој феномен станува сѐ позагрижувачка. Како што споменавме претходно и започнавме со тоа, деновиве сме сведоци на неговата соголеност во најстрашниот вид на насилство, која отвора многу прашања од различна природа. Трагичното случување со убиството на Вања Ѓорчевска, треба да биде алерт дека треба системски и интензивно да работиме на воспоставување на темелните образовни, економски и социјални политики, кои ќе ја подигнат свеста за борба против насилството на сите рамништа.
Битката е далеку од добиена. Семејното насилство опстојува, за жал. Ова сознание – дека треба да се направи многу повеќе – нè принудува да ги преиспитаме нашите досегашни напори и стратегии и уште поупорно да се посветиме на суштински и трајни промени во пристапот во борбата против ова зло.
Ова значи дека денеска сме тука не само за се соочиме со тежината на проблемот – не се собравме само за да ја утврдиме комплексноста на предизвикот. Овде сме и за да идентификуваме опипливи решенија што може да се спроведат за зајакнување на оваа заедничка борба, односно да бидеме иновативни во соработката која ќе направи трајни промени во борбата против семејното и родово-базираното насилство.
Денешната конкретна тема „Превенирај, одговори, заштити“, упатува на сеопфатниот пристап потребен за справување со повеќеслојното прашање на семејното насилство. Овие зборови не се своевидни директиви, туку повик за акција:
o ПРЕВЕНЦИЈАТА изискува посветеност на едукација, свесност и разбивање на корените на родово-базираното насилство.
o ОДГОВОРОТ бара одлучност за создавање здрав и сеопфатен систем за поддршка – одговорен, сочувствителен и брз.
o ЗАШТИТАТА наложува зајакнување на нашите правни и општествени рамки, како и спроведување на постојните законски рамки против секоја форма на насилство.
Дополнително, подигнувањето на јавната свест за достапните начини за пријавување и барање помош е од клучно значење за да се осигура дека жртвите се свесни за нивните права и ресурсите со кои располагаат.
За крај, да се потсетиме на повикот од Истанбулската конвенција која го ви повикува потписниците „да промовираат промени во социјалните и културните модели на однесување на жените и мажите со цел искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се засноваат на идејата за инфериорност на жените или стереотипните улоги на жените и мажите“.
Благодарам