Адвокатот Васко Стојков го однел осомничениот Љупчо Палевски во Белград и не знаел дека тој е одговорен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Вака изјавил адвокатот Стојков во телефонски разговор за Телма зошто бил со осомничениот Љупчо Палевски Палчо кога тој избегал од државата.
– Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас врска немав за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и рече ако ако е сѐ во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив полицијата прваше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав – вели адвокатот Стојков за ТВ Телма.
Адвокатот Стојков, како што објави Телма, му пратил порака на Палевски да се врати и да даде исказ затоа што станува збор за сериозна работа. Тој за Телма рекол дека сѐ кажал во полиција и дека од тогаш повеќе немал контакт со Палевски, со кого биле и пријатели. Стојков рекол дека имал добра намера да му помогне и дека после сѐ се чувствувал злоупотребено.
Како што информиравме претходно денеска, осомничениот ја напуштил државата со автомобил и се упатил во Белград, а од таму за Бугарија. Полицијата му ја следи трагата, но не открива каде е сега тој.