Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири денеска е осуден на 2 години и 6 месеци затворска казна.
Во казната на Зекири му се пресметува и времето поминато во притвор и куќен притвор. Судот го задолжи Зекири да ја надомести штетата од 71.338.336 денари во рок од 6 месеци по пресудата. Тој треба да ги плати и сите судски трошоци за процесот.
Зекири се гонеше за злоупотреба на службената положба и овластување, за склучување договор со фирмата Интерхолдинг за консултантски услуги за потенцијална приватизација на АД Пошти и Железници транспорт, со што направил штета од над 57 милиони денари на државниот буџет.
Според судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, Зекири склучил договор во четири очи без да даде можност на конкурентски понуди. Владата ги исплаќала сумите кои ги потпишал Зекири со Интерхолдинг, со што настанала штета на буџетот.
Според пресудата, осомничениот Зекири извршил две временски поврзани дејствија преку кои како службено лице презел дејствие со намера за друг да прибави имотна корист. Тој се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.