Предизборен поткуп и брутално потценување на народот. Ова е оценката на опозициските партии за новиот пакет антикризни мерки, „тежок“ 662 милиони евра, кој вчера го „распакува“ премиерот Димитар Ковачевски.
– Со оваа мерка се опфаќаат 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. Со системските мерки се опфатени над 300.000 пензионери и над 100.000 вработени во администрацијата. Мерките наменети за граѓаните се во износ од 156 милиони евра – рече премиерот после владината седница.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека пакетот на мерки на СДСМ и на ДУИ е „пакет за мерки за поткуп на граѓаните“ и „брутално и нечовечко потценување на социјално ранливите граѓани, пензионерите, младите“.
„Милиони евра за коцкарниците на Артан Груби, милиони евра бизниси за соларниот бизнис на Ковачевски, 2 милијарди евра за бизниси на фирми на ДУИ и на СДСМ, за градба на коридорите, илјадници евра од час копање во РЕК, а за народот илјадарче до две таканаречена поддршка. Инфлацијата која порасна со оваа власт за 200% ги поскапе сите производи. Таа поддршка на граѓаните, која оваа влада ја дава, се јаде во првиот ден од месецот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија вели дека оваа власт краде од болните со рак на Онкологија, а сега ќе го спасува народот со илјада денари.
„Знаат дека паѓаат. Оваа власт панично се труди, со потценување на народот, да спаси мал процент од тоа што не може да се спаси. Важно е што побрзо да паднат и промените бидат поголеми“, апелира ВМРО-ДПМНЕ.
И опозициската Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) пакетот марки го оценува како „очајна и провидна предизборна корупција на најсиромашните во државата“.
„Нелегитимниот премиер во заминување Ковачевски со министрите сака со наши, народни пари да ги подлаже сите кои молат со месеци да им се подобри состојбата. Барањата што ги имаат пензионерите, студентите, земјоделците, работниците, администрацијата не се решаваат со овој пакет мерки. Владата не нуди системски решенија туку ад хок политички мерки, кои до изборите ќе ги снема и со тоа ќе се потврди шарената лага и магливите предизборни ветувања. Владините мерки не се за да се подобри стандардот туку само ќе служат за предизборен маркетинг на СДСМ и на ДУИ за добивање гласови на изборите“, оценува СПМ.
Социјалистите сметаат дека кредитните линии што ги зема владата се потврда дека реални пари нема и дека таа со коруптивни мерки ги лаже граѓаните, од чии пари ќе треба да се враќаат кредитите со високи камати.
Креирана илустрација