Израел продолжува да апси десетици Палестинци на окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим, додека ги разменува заробениците со Хамас. Во текот на рациите на Западен Брег и во Источен Ерусалим, израелските сили уапсија речиси исто толку Палестинци колку што ослободи за време на прекинот на огнот, предупредуваат од Здружението на палестински затвореници.
Во првите четири дена од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, кој започна во петокот, Израел ослободи 150 палестински затвореници – 117 деца и 33 жени. Хамас ослободи 69 заложници – 51 Израелец и 18 граѓани од друга националност.
Во истиот временски период, Израел уапсил најмалку 133 Палестинци од Источен Ерусалим и Западниот Брег, според Здружението на палестински затвореници – објави катарската телевизија Ал Џезира.
– Се додека трае окупацијата, апсењата нема да престанат. Луѓето треба да го разберат ова, бидејќи ова е воспоставена практика на окупаторите, покрај ограничувањето на секаков вид отпор. Тоа е практика што ја спроведуваат секој ден – не само по 7 октомври. Всушност, очекувавме повеќе луѓе да бидат уапсени во текот на овие четири дена – изјави за Ал Џезира, Амани Саране, портпаролка на Здружението на палестинските затвореници.
Примирјето постигнато со посредство на Катар уследи по 51-дневното израелско бомбардирање на опколениот Појас Газа, кое започна на 7 октомври, денот кога Хамас изврши ненадеен напад на израелска територија во кој загинаа 1.200 луѓе. Оттогаш, Израел уби повеќе од 15.000 Палестинци, главно жени и деца, во Појасот Газа.
Во понеделникот првичното четиридневно примирје беше продолжено за два дена, при што, според очекувањата, ќе бидат ослободени уште 60 Палестинци и 20 заложници.
Во текот на првите две недели по 7 октомври, Израел го удвои бројот на Палестинците што ги приведе, од 5.200 на повеќе од 10.000, пренесува катарската телевизија.