Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција го претстави деветтиот пакет антикризни мерки кој ќе биде во вредност од 662 милиони евра, а кој е наменет за компаниите и ранливите категории на граѓани.
– Со оваа мерка се опфаќаат 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. Со системските мерки се опфатени над 300.000 пензионери и над 100.000 вработени во администрацијата. Мерките наменети за граѓаните се во износ од 156 милиони евра – рече премиерот Ковачевски после владината седница.
За основците и средношколците од ранливи категории семејства со ниски примања до 50.000 денари предвидено е во следните шест месеци да добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно за што ќе се издвојат 14,3 милиони евра за оваа мерка.
Ваучер за превоз ќе добијат 15.000 студенти кои студираат надвор од местото во кое живеат. Месечно ќе добиваат ваучери од 600 до 1.200 денари за што се предвидени два милиони евра.
Во следните пет месеци по 1.000 денари ќе добиваат корисниците на надоместок поради попреченост, самохрани родители, родители на лица со попреченост до 26 години. Буџетот за оваа мерка е 2,7 милиони евра.
Пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари, ќе добиваат 2.000 денари месечно, додека оние со пензија од 16.000 до 19.000 денари ќе добиваат помош од 1.500 денари.
За зголемување на производството на земјоделските производи предвидена е авансна исплата на субвенции од 1,8 милиони евра.
Премиерот потенцираше дека за овој пакет владата обезбедила 662 милиони евра, а неговата примена ќе почне веќе в петок, на први декември.