Пешачењето и планинарењето станува сѐ популарен начин за бекство на модерниот човек од секојдневниот стрес и цивилизацијата и сѐ поголем број на луѓе го одбираат повеќедневното планинарење како дел од редовниот живот. Македонија добива современа планинарска патека долга 2070 километри која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија и опфаќа најголем дел од планините и природните убавини на земјата.
Во организација на повеќе ентузијасти и планинарски здруженија се формира Македонска Бесконечна Трансверзала (со скратено, уметничко име Sammiana) – мега кружна трансферзала – непрекината пешачко планинарска патека долга 2070 километри.
Се работи за импозантен проект, не само поради импресивната должина , туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1500 км се нови патеки. Со трасата се промовираат и предели кои се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина.
Источното крило од Македонската Бесконечна Трансферзала во должина од 1175 км е веќе во финална фаза .Трасата е речиси целосно комплетирана и мапирана и на веб страната www.sammiana.com каде се објавени неколку прецизни и детални дигитални мапи со комплетни ГПС записи за симнување. Во периодот кој следи ќе бидат целосно објавени и комплетирани преостанатите Мапи и ГПС записи со што целата траса на источното крило ќе стане функционална. Западното крило, иако е во голем дел трасирано, сепак сѐ уште е во фаза на подетално трасирање и мапирање и се очекува да биде завршено до крајот на 2024-та година. Вкупната должина на западното крило се очекува да изнесува помеѓу 850 и 900км.
Во изминатиов период поставени се и првите пробни вертикални маркации за Македонската Бесконечна Трансверзала. Се работи за маркации направени од рефлектирачки материјал со голема видливост и во денски и во ноќни услови и кои истовремено се многу издржливи. Маркиците моментално се поставени само во мал број за да се истестира издржливоста на временските услови, а деталното маркирање се очекува да започне напролет.
Најдолга планинарска трансферзала на Балканот
И додека во светот постојат многу т.н. долгометражни (Long distance – Thru Hiking ) патеки, во Македонија и покрај одличните услови нема патека која може да се вброи во оваа категорија. Позната е само Западната Македонска трансверзала со должина од околу 170км и неколку помали кои се помалку познати. Но дури и за овие помали трансверзали не постои прецизна мапа/ГПС запис со точни информации за извори на вода , погодни места за кампување, информации за околината и слично, и поради тоа овие трансферзали се непримамливи за планинари кои не ги познаваат добро овие патеки и околината.
Целта на овој мега проект е да се надмине тој проблем и Македонија да добие долгометражна патека која ќе биде убава за движење, јасна и маркирана на терен, а дополнително прецизно и комплетно дигитално мапирана на ниво на сите поголеми светски трансверзали.
Со овој проект Македонија ќе ја добие најдолгата планинарска трансверзала на Балканот и ќе се најде на мапата на долги европски и светски планинарски трансверзали, а со тоа ќе стане и примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет кои се љубители на трансверзалното планинарење. Што носи бенифит за македонското планинарство, но и бенефит за македонскиот туризам и економија.
Покрај трасирањето на трансверзала, во исто време Македонија за прв пат ќе добие долгометражна патека за која ќе постојат прецизни и детални мапи и ГПС записи, добро документирани и со сите потребни информации за домашните и странски уживатели на трансверзалата.
Со својата должина од над 2000км како и со својата убавина и разновидност на трасата, Македонската Бесконечна Трансверзала ќе може да парира на сите трансверзали од овој тип во Европа и во светот – посочуваат креаторите на проектот.
„Бесконечна“ има посебно значење
Во новата македонска планинарска трансферзала поимот „бесконечна“ има посебно значење затоа што патеката е проектирана по принцип на бесконечност.Трансверзалата има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки, а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел но во спротивна насока.
По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи предвид дека може да одберете и веќе поминат дел, но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се почувствувате дека одите по истата патека. Кога ќе го додадеме и фактот дека патеката на мапа личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless), тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме „бесконечна“.
Основни податоци
Должина: 2070 километри ( проценка за финалната должина )
Најниска точка: 103 мнв
Највисока точка:: 2520мнв
Највисока точка на дополнителна странична патека: 2764мнв
Потребно време за поминување на целата трансверзала: 70-100 дена
Траса за уживање во планинските предли
Трансверзалата е трасирана да пружи вистинско задоволство за љубителите на ваков тип спорт и рекреација. За што поголемо уживање на љубителите на планинарењето, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што планинарите имаат можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат до било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека.
Со трасата максимално се избегнува одење по асфалтен пат, а колку се може се избегнуваат и колски земјени патишта и приватни имоти. Воедно се избегнуваат наклони поголеми од 15% па следствено и патеката многу често води цик-цак по серпентини наместо да оди право нагоре кон врвовите на планините, а сѐ со цел да биде приспособена за долго пешачење и планинарење со потребна опрема за ваков тип на патеки.
Целата трансверзала е поделена на секции така што секоја секција сама по себе е една трансверзала, а неколку секции прават едно крило. Со ваквата поделба со комплетирањето на целата трансверзала воедно ќе се добијат 15 други трансверзали, различни по должина, денивелација, природна околина, што значи за различни типови планинари, различен терен, за различно време во годината.
Уште една предност на трасата е тоа што таа е многу разновидна во секој поглед, почнувајќи од надморски висини, тип на терен, тип на опкружување, тип на попатни дополнителни интересни точки.
Проектот носи бројни придобивки
Со комплетирање на трансверзалата, македонската планинарска заедница ќе добие 2070 км маркирани и комплетно дигитално трасирани и мапирани патеки. Од целата траса, повеќе од 1500 км се нови патеки кои досега не се користат од планинарската заедница.
Целата трансверзала ќе биде вклопена во светски дигитални мапи од различни типови – ќе се најде на мапите на open street map и на многу други платформи наменети за планинарски патеки кои ги користат многубројни апликации и сервиси, а кои пак ги користат и македонските планинари.
Македонија ќе добие прекрасна долгометражна патека која во иднина ќе биде магнет за илјадници странски планинари и ќе биде бенефит за македонскиот туризам и економија. Овој проект привлекува туристи кои ќе поминуваат многу подолго време од просечното и кои ќе посетат најмногу места во државата па следствено се најголеми промотери на државата.
Дополнително, проектот носи големи бенефити за локалната економија и е во насока на развивање на руралните средини, па така директен бенефит ќе имаат и локални мали бизниси, како преноќишта, продавници, ресторани, превозници…
Пешачењето на долги патеки – тренд во светот
Модерните времиња прават планинарењето и пешачење на долги патеки да е нов тренд во светот кој зема се повеќе замав и потребата од „терен“ за овој вид на спорт и рекреација секоја година се зголемува .
Сепак, трендот бара и средена патека и модерно мапирање, т.е. топографските хартиени мапи веќе се заменети со дигитални мапи кои заедно со дигиталната технологија пружаат можност овој вид на надворешни активности да бидат достапни и привлечни за многу поголем број на луѓе. Предуслов за една долга трансверзала да биде примамлива за широк круг на странски планинари-туристи е да биде во согласност со тие нови модерни текови, што значи да биде дигитално мапирана не само со GPS записи туку и со сите потребни останати информации за точки од интерес па дури и слики од повеќето од нив – кампинг места, извори на вода, пристапни точки и други информации за сѐ што може да биде од интерес во реоните каде поминува трансверзалата.
НОТ ( не оставај трага ) принципи
Најважниот дел, т.е. основата на планинарската култура која се однесува на тоа како да се однесуваме кон патеката и природата која ја опкружува се содржи во НОТ принципите.
– НОТ ( Не Оставај Трага ) – самиот назив кажува дека целта е да не остане трага по нашето поминување низ природата.
Основните НОТ принципи по кои треба да се водите при престојот во природа:
– Не вршете нужда на и во близина на патеката, а посебно не непосредно или во близина на вода ( планински извори, поточиња, реки , езера ). Местото на кое вршите голема нужда треба да биде оддалечено барем 30м од самата патека и подалеку од планински води.
– За вршење голема нужда потребно е да ископате дупка со длабочина од 15-20см и потоа да ја затрупате. Потрудете се и тоалетната хартија да не ја оставате во дупката туку да ја спакувате во кеса наменета за ѓубре која ќе ја фрлите во првиот контејнер кога ќе бидете во можност.
– Не користете сапун и средства за хигиена во и во близина на планинските води. Мијте ги деловите од телото, садовите и облеката подалеку од извори на вода.
– Никако не оставајте ѓубре позади вас. Пакувајте ги сите ваши отпадоци, па дури и ако сте во можност пакувајте и отпадоци кои ќе ги најдете по пат, а не се ваши.
– Не пишувајте по карпи, дрвја, знаци и воопшто никаде.
– Не земајте делови од природата, односно оставете ги нештата таму каде што се.
– Не палете непотребно оган, а доколку запалите, гледајте да користите веќе постоечки места каде што некој предходно палел оган.
Во контекст на последниот принцип и следново предупредување: Никако не палете оган во сушни периоди и на места со сува вегетација. Никако не го оставајте огнот без надзор и никако не го напуштајте местото додека огнот и целиот жар не се целосно изгасени. Подлогата на запалениот оган може да остане активна дури и кога мислите дека е изгасена и може да се прошири и под земја преку корењата на дрвјата!
mitting again.