Итамар Бен Гвир, шеф на партијата Отзма и министер за национална безбедност на Израел, го нарече договорот со Хамас „опасен преседан“ кој ги повторува грешките од минатото. Тајмс оф Израел пишува дека тој веројатно мислел на договорот од 2011 година, кога повеќе од 1.000 затворени Палестинци беа ослободени во замена за еден војник на Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Екстремно десничарскиот политичар смета дека Израел има „морална должност“ да ги врати сите, не само некои, заложници. Тој го критикуваше договорот затоа што не обезбеди ослободување на сите жени и деца приведени во Газа, означувајќи го како „неморален, нелогичен и недоволен“.
– Хамас го сакаше ова примирје повеќе од било што. Тие исто така сакаа да се „ослободат“ од жените и децата во првата фаза бидејќи имаше меѓународен притисок. Тие сакаа во замена да добијат гориво, да ги ослободат терористите, да ги запрат акциите на ИДФ, па дури и да забранат (извидување ) на летови. Сето тоа го имаат – истакна Бен Гвир.
Израелскиот министер за национална безбедност повика на зголемена воена акција од страна на ИДФ, со цел да се изврши притисок врз Хамас да се согласи на сеопфатен договор за заложниците. Тој потврди дека министрите од неговата партија гласале против договорот, велејќи дека сите опции се „лоши“ во моментов.
Официјалниот претставник на Хамас, Муса Абу Марзук во интервју за Ал Џезира изјави дека привременото примирје меѓу терористичката група и Израел ќе стапи на сила утре во 10 часот. Соопштението доаѓа откако Израел постигна договор со Хамас за четиридневен прекин на огнот и ослободување на најмалку 50 од околу 240 заложници кои Хамас ги заплени на 7 октомври, во замена за ослободување на 150 малолетни и женски затворенички во израелските затвори.
Договорот беше одобрен од израелската влада во текот на ноќта . Абу Марзук вели дека повеќето од заложниците кои ќе бидат ослободени имаат странско државјанство, без да прецизира дали имаат и израелски пасоши. Израел рече дека сите заложници ќе бидат израелски државјани или жители на Израел.