„Халуцинира“ бил најкористен збор во годината 2023 според речникот „Кембриџ“, а луѓето низ целиот свет најчесто го користеле за да опишуваат нешта во врска со вештачката интелигенција, пишува Гардијан.
Како што велат од „Кембриџ“, Зборот бил избран бидејќи новото значење „ја фаќа суштината на причината поради која луѓето зборуваат за вештачката интелигенција“.
Но, исто така, годинава излезе веста и дека самата вештачка интелигенција може да халуцинира. Овој термин почнаа да го користат програмерите во моментот кога сфатија дека ако на ЧатГПТ или на Бард, или на Грок, му побарате нешто лажно, му напишете некоја извртена, неточна работа, и побарате одговор, тој, многу е можно, да почне да ви даде лажен одговор повторувајќи дел од овие измислици, па дури и да си измислува лаги.
А зошто не велиме дека вештачката интелигенција згрешила, туку дека, ете, халуцинирала? Според Хенри Шевлин, ВИ етичар на Универзитетот Кембриџ, тоа е затоа што ние веќе имаме тенденција да ја сметаме вештачката интелигенција како еден вид на човечка свест, блиска на нам, како „да има свој ум“, па употребуваме „жив психолошки глагол“ кој би го употребиле за некој човек.
Но, тоа не е сѐ. За разлика од речникот „Кембриџ“, познатиот речник „Колинс“ за свој Збор на годината го избра терминот „вештачка интелигенција“…