Во петок со почеток од 10 часот пред Кривичниот суд во Скопје ќе биде организиран протест „Правда за Викторија“. Организатор на протестот е Леонид Даов, момчето на Викторија Николова која загина во сообраќајна несреќа кај Сити Мол, а во која Даов беше повреден.
Во креираниот настан на социјалната мрежа Фејсбук се наведува дека „Викторија и Леонид не добија пресуда која е правична и праведна“.
„Немаме владение на правото, немаме спокој на душите. Имаме граѓанско право да го кренеме својот глас и за Викторија, но и за сите жртви на сообраќајно насилство и неправедни пресуди! Да ја разбудиме свеста, да бидеме гласот на покојните и гласот на жртвите! Да кажеме СТОП НА ЛОШИТЕ ПРЕСУДИ И СТОП НА СООБРАЌАЈНОТО НАСИЛСТВО! На 15.04.2022 (петок) од 10:00 до 11:00 часот Ве повикувам пред Кривичен Суд Скопје да го искажеме нашиот револт и да го запреме крварењето по улиците и пешачките премини ширум државата“, наведено е во повикот објавен на Фејсбук.
Протестот се организира по изрекувањето на пресудата за случајот, според која возачот Јордан Ѓоргиев кој ја усмрти Викторија беше осуден на три години затвор.
Таткото на 24-годишната почината девојка пред судот рече дека е згрозен од државата и дека поради вакви пресуди никој нема доверба во ова судство.
23-годишниот Јордан пред судот претходно ја призна вината и изрази каење. Судот, како што беше објаснето, при донесување на пресудата за олеснителна околност ги земал неговата возраст, тоа што прв пат доаѓа во судир со законот. Исто така не го завршил своето образование и е студент, не е оженет и нема оформено потесно семејство. Тоа беа дел од причините за ублажување на законскиот минимум кој е 4 години.