Центарот за заштита на податоците на граѓаните е од витално значење за државата бидејќи со неговото основање и оформување како целина обезбедуваме долгорочна заштита на податоците на граѓаните, а со тоа и трајна заштита на нашиот безбедносен систем рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски го посети ИКТ Центарот во Прилеп. Проектот вкупно е вреден 11 милиони евра од кои 3,4 милиона евра се од ИПА програмата на ЕУ и е прв од ваков вид во регионот изграден од државна институција за потребите на државата.
– Со ИКТ Центарот обезбедивме трајна инвестиција за зачувување на податоците од примарниот информатички систем во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. Како Влада сме посветени да одговориме на современите предизвици, пред се, сајбер безбедноста и злоупотребите во интернет сферата кои можат сериозно да ја загрозат националната, регионалната и меѓународната безбедност. Затоа, вложуваме во реализацијата на вакви големи проекти со коишто покажуваме дека сме во чекор со светските безбедносни трендови. Сакам да упатам апел и до сите институции кои работат со големи бази на податоци дека ова е местото кое треба да го искористат за постирање на нивните податоци и обезбедување на бек-ап податоците бидејќи се работи за навистина најсовремен и најбезбеден објект не само во државата туку и во регионот. Сигурен сум дека сите овие напори кои што ги правиме ќе бидат вреднувани пред се од граѓаните кои заслужуваат подобро и повеќе – рече Ковачевски.
Пред еден месец е пуштен во употреба новиот објект за форензички испитувања, кој е најголем во регионот и прв од ваков вид. За период од 6 години, од 2017 година до годинава, целосно или делумно се реконструирани 80 објекти на полицијата во вредност од над 8 милиони евра.
– За прв пат во историјата на службата за форензички испитувања во државата ги унапредуваме условите за работа на припадниците на МВР, со обезбедување на современи објекти, современа опрема ја обезбедуваме работата на полицијата, на судските и на обвинителските органи со што истрагите ќе бидат по квалитетни – изјави Ковачевски при денешната посета на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.
Министерот за внатрешни работи Спасовски смета дека Центарот веќе има ефективност во работењето при заштита на податоците од непогоди и катастрофи и од сајбер-напади. Постигнати се веќе четири договори со институциите да ги чуваат виталните податоци во центарот.
– Објектот и нивото на заштита и подрачјето кае е изграден е со заштита според нависоки стандарди. Ова подрачје е сеизмички најстабилно. За практичната улога на Центарот преку пример: ако на пример, каде било се случува во државава некаква катастрофа при што е оневозможено да работи системот на еден од граничните премини, веднаш, за неколку секунди се префрла на бекап варијантата овде во Центарот. тоа важи за сите сегменти на системот. Еве веќе имаме договори со четири институции, преговараме со петта за во центарот да ги чуваат податоците. Колку е знаајно да ги зачуваме податоците покажувата и последните сајбер податоци. Сајбер-нападите и уништувањето на податоците може да имаат уште поразорно дејство од сѐ – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.