Обвинителството и власта два месеци ја штитат канцер-мафијата која правела милиони на грбот на пациентите на Онкологија, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
„Два месеци поминуваат, а Обвинителството на Јовевски и Абази абер немаат од предистрага да почнат со истрага, а камо ли да обвинат некого за грозоморниот скандал „Диво месо“ на Клиниката за онкологија. Со одолговлекувањето на постапката тие наместо да излезат со конкретни виновници, го валкаат белиот мантил на сите вработени на Онкологија, па дури и на сите здравствени работници.
Предупредувавме дека институциите работат на тоа и случајот Онкологија да се затвори по принципот „кабелот е крив” и според досегашните постапки се движат во таа насока.
Постојат основани сомнежи дека Обвинителството и власта работат на тоа да ја заштитат канцер-мафијата која правела милиони на грбот на најтешко болните во Македонија. Никој не излегува со објаснување како е возможно да се натрупа толкав долг на клиниката со скапата терапија која ја набавувале од омилената веледрогерија на власта, а во исто време пациентите да имале недостиг од терапија“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.