На германските работодавци им недостасуваат работници и експерти: во ИТ секторот, како и во здравството, занаетчиството, технологијата, логистиката и многу други индустрии. „Законот за натамошен развој на квалификуваната имиграција“, кој беше донесен летово, има за цел да ги намали пречките за имиграција на работници и експерти од таканаречените трети земји, односно од земјите надвор од Европската унија.
Новите правила ќе стапат на сила во три чекори, со цел надлежните институции навреме да се подготват. Овие правила може да се најдат на порталот на сојузната влада за квалификувани работници од странство, на германски, англиски, шпански и француски јазик.
Првите измени ќе стапат на сила на 18 ноември 2023 година.
Нови правила – Сина карта на ЕУ
Со сината карта на ЕУ може веднаш да се имигрира во Германија – без да се провери дали се достапни Германци или граѓани на ЕУ и без доказ за познавање на јазикот. Новиот лимит за заработка е намален на 40.000 евра за дефицитарни занимања и за почетници во кариерата и нешто помалку од 44.000 евра за сите други професии (податоци од 2023 година).
Списокот на дефицитарни занимања се проширува и вклучува, меѓу другото, медицински сестри и техничари. Целосната листа е на четири страници.
Досега тоа беа професии – математика, информатика, природни науки, инженерство и медицина. За ИТ секторот точно е дека и експерти без високо образование можат да добијат сина карта на ЕУ, доколку дадат доказ за работно искуство од најмалку три години.
Право на престој, помалку ограничувања
Квалификуваните работници и лицата со академско образование, кои ги исполнуваат сите услови, сега имаат право да добијат дозвола за престој. За ова досега надлежните институции можеа самостојно да одлучуваат.
Дополнително, се укинува ограничувањето за работа во професии кои лицето ги учело или студирало. Обучен механичар, на пример, може да работи и во логистика. Исклучок се регулираните професии во медицината, правото или образованието.
На професионалните возачи ќе им биде полесно да добијат одобрение од Федералната агенција за труд. Се укинуваат обврската за познавање на јазикот и проверката за приоритет.
Дополнителните измени треба да стапат на сила во март 2024 година.
Имиграција со работно искуство
Признавањето на професионалните квалификации во Германија, кое претходно често претставуваше бирократска пречка, може да биде изземено за експерти со работно искуство.
Оние кои имаат признаена професионална диплома во земјата на потекло и најмалку две години работно искуство можат да имигрираат во Германија како работна сила. За тоа би била потребна цела процедура. Исклучок се регулираните професии во медицината, правото или образованието. На ИТ професионалците не им треба диплома.
Партнерство за признавање на странски професионални квалификации
Секој на кој му е потребна дополнителна квалификација во Германија за да ја признае својата диплома, ќе може да остане во Германија до три години во иднина. На кандидатите им е дозволено да работат и до 20 часа неделно покрај работата на квалификацијата, пишува Дојче веле.
Доколку работодавците во Германија и кандидатите од трети земји формираат партнерство за признавање на дипломите, квалификуваните работници можат директно да дојдат во Германија и да започнат со работа додека процесот е во тек. Престојот може да се продолжи до три години. Условот е најмалку двегодишно стручно образование и основно познавање на германски јазик (А2).
Покрај медицинскиот персонал (медицински сестри и техничари), во иднина пристап до германскиот пазар на труд ќе биде овозможен и на помошниот медицински персонал – со помалку од три години стручно образование во областа на медицинската нега.
Правила за пристигнување на семејството
Доколку сопружниците и малолетните деца сакаат да се преселат во Германија, одредени квалификувани работници повеќе не мора да даваат доказ за „доволен“ простор за живеење, односно квадратурата на станот. Дополнително, доколку добијат дозвола за престој само од март 2024 година, можат да ги донесат и своите родители или родителите на нивниот сопруг или сопруга.
Останатите измени се планира да стапат на сила во јуни 2024 година.
Барање работа со „карта на шанси“
Во јуни ќе биде воведена таканаречената „карта на шанса“ (Chancenkarte) со систем на бодување. Со него луѓето кои бараат работа ќе можат да доаѓаат во Германија една година – под услов да им биде обезбедена егзистенцијата.
Секој кој може да докаже дека стручната квалификација е еквивалентна на германскиот – се смета за квалификуван работник и добива картичка без никакви дополнителни услови. За сите останати, потребна е високо образование или најмалку двегодишна професионална квалификација, како и основно познавање на германски јазик (А1) или познавање на англиски јазик (Б2).
Дополнително, бодови се доделуваат за работно искуство, признавање на квалификации во Германија, возраст, познавање на германски и англиски јазик, врски со Германија и потенцијал на иден партнер или брачен другар.
Работниците со ваква „шанса карта“ смеат да работат и до 20 часа неделно, а дозволена е и пробна работа. „Картата за шанса“ може да се продолжи до две години доколку има договор за вработување за квалификувано вработување.
Правилото за Западен Балкан важи на неодредено време
Таканареченото правило за Западен Балкан за вработување на работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија – сега важи на неопределен период, а годишната квота ќе се зголеми на 50.000 работници од јуни 2024 година.