Kрстот висок 15 метри кај манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка, е причина за опасна кавга меѓу политичките партии во Тетово, која веќе добива еxо во јавноста.
Општина Тетово вели дека не е издадена дозвола да се постави крст на државно земјиште и дека ќе се дејствува согласно законот. Крстот е поставен без дозвола. Општинските инспектори излегоа на терен за да ја проверат фактичката состојба и да извршат проценка, според која ќе бидат преземени законски мерки.
ДУИ обвини дека поставувањето на овој крст е нешто претходно договорено меѓу партијата Беса на Билал Касами и ВМРО-ДПМНЕ, услуга чувана во тајност од граѓаните за помошта што ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја понудила на Беса на локалните избори за општина Тетово.
„Тетовчани не молчат, нема да молчиме ниту ние против овој скандалозен пазар“, велат од ДУИ.
„ДУИ, откако ги испланира сите активности за поставување на крстот на Попова Шапка, сака вината да ја префрли на Движењето Беса. Исто како што вината ја префрлија кај Албанците за инцидентите по автобуси низ Скопје, за случајот ‘Алфа’, за случајот ‘Монструм’, Кале и многу други случаи. Замислете, ДУИ ја ажурира целата ситуација, координирајќи се со Груевски, планирајќи со Вучиќ и спроведувајќи со Заев и Ковачевски. ДУИ смета дека граѓаните забораваат дека таа партија заедно со ВМРО-ДПМНЕ владееше десет години, каде заедно го планираа проектот ‘Скопје 2014’, поминувајќи ги сите рамнини и ридови на Македонија и откако ги реализираа некои од овие сценарија заедно со СДСМ – сакаат да префрлат вината на Движењето Беса! Ние со највисока одговорност изјавуваме дека немаме никаква врска со поставувањето на крстот и нема да прифатиме поставување на истиот во Попова Шапка. ДУИ треба да даде отчет и да каже какви други планови има со Груевски и со Вучиќ. Исто така, не ни продавајте повеќе морал, затоа што играта се откри и јасно е дека ‘проститутката’ ни продава морал“, остро реагираше партијата на Касами.
Од манастирот на Попова Шапка велат дека крстот е поставен на црковно земјиште, дека е верско обележје и дека е дел од урбана опрема.
ВМРО-ДПМНЕ најавија итна седница, како што велат, „по повод притисоците на институциите предводени од ДУИ и СДСМ насочени кон кршење на Уставот и правото со кое се гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата на Македонците во Тетово“. Локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ смета дека „неовластеното и спротивно на закон присуство на бројни државни институции“ во црквата „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка е „директен притисок насочен кон создавање на тензии помеѓу граѓаните“,
На вонредната седница на Советот на општината, Анита Бошкоска-Јованоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ изрази фрапираност.
„Бевме свикани на оваа вонредна седница како да се работи за некој земјотрес, пожар или некоја друга катастрофа. Ова е работа на институциите. Кај нас постои секуларност на општеството. Ние сме за почитување на законите, но со еднаков третман за сите чинители во општеството. Не ја гледавме ваквата ваша загриженост кога се градеше џамијата на Попова Шапка, а ние македонските верници воопшто не бевме против верските чувства на муслиманите. Во овој случај, покрај законито постапување на службите, повикуваме и на разум, за да не се разгорат верските тензии меѓу граѓаните. Потенцирам, се работи за постамент поставен на имот на Македонската православна црква. Крстот е составен дел на храмот и не може да се третира како посебен објект“, изјави таа.
И претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, преку социјалните мрежи повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.
„На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот на општината“, прашува Сотировски.