Двесте тела се закопани во масовна гробница во близина на Ал-Шифа, најголемата болница во Појасот Газа, изјави денеска д-р Аднан Ел Бурш.
Тој изјави дека на медицинскиот персонал му биле потребни шест часа за да закопаат 200 луѓе.
– Почнавме околу 8:30 наутро и завршивме околу 15:00 часот по локално време – рече Ел Бурш, пренесе Би-Би-Си.
Според него, телата биле оставени таму со денови додека не почнале да се распаѓаат, поради што на лекарите им преостанало само да ископаат масовна гробница.
– Не можевме да ги отвориме прозорците на зградите поради непријатната миризба што доаѓаше од дворот – изјавил палестинскиот лекар.
Претходно од Ал-Шифа било кажано дека во масовна гробница во близина на зградата на болницата се закопани 179 лица.