Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска изјави дека во партијата размислуваат да одат во опозиција но дека не сакале да бидат траблмејкери во владата.
– По одбивањето да се изгласа законот за амнестија што беше на предлог на Владата искрено ние се чувствуваме како понижени. За првпат во историјата се случува пратениците од владејачкото мнозинство да не донесат закон во Собранието предложен од Владата. Не сакаме да биде траблмејкери во таа влада, меѓутоа имаме дилеми дали треба да се продолжи понатаму – рече Таравари.
До крајот на ноември Алијанса можеби ќе одржи седница на централното претседателство за да ги анализираат сите можности. Таравари не ја исклучува можноста да одат во опозиција.
Додаде дека биле во консултации со странските амбасади, затоа и не отстапуваат од местото во ДИК, рече Таравари дополнувајќи дека Алијанса на Албанците претендира на изборите да оди со посебни листи.