Холивудскиот продуцент Кевин Турен, најпознат по сериите на HBO Euphoria и The Idol, ненадејно почина на 44-годишна возраст.
Неговиот татко, Едвард Турен, ја потврди смртта на неговиот син во изјава за време на викендот, но причината за смртта се уште не е објавена.
„Кевин беше толку неверојатно посебен, светот изгуби многу. Беше толку посебен“, рече Едвард Турен во изјавата за Deadline. Кевин зад себе ја остави сопругата Евелина со која се ожени во 2012 година и нивните деца, синовите Џек и Џејмс, пренесува Index.hr.
Џеј Пенске, извршен директор на PMC и близок пријател на Турен, исто така објави изјава.
„И покрај неговите многубројни достигнувања во Холивуд, најголемата страст на Кевин беа неговото семејство и пријателите. Беше толку горд на своите деца. Тој и неговата сопруга Евелина беа решени нивните деца да пораснат со вистинските вредности и се погрижија да направат разлика низ светот“.
Турен е роден на Менхетен и студирал филм на Универзитетот Колумбија пред да ја започне кариерата. Тој го имаше своето деби како продуцент во инди-филмот Wassup Rockers од 2005 година, во режија на Лери Кларк. Сепак, неговото најголемо достигнување беше неговата серија „Еуфорија“.