Не е точно дека Арбен Таравари ќе биде првиот премиер Албанец во техничката влада, тврдат од Алијанса за Албанците по шпекулациите дека на градоначалникот на Гостивар му било понудено да биде технички премиер 100 дена пред наредните избори.
– Политичките гласини немаат никаква важност, како и сите други шпекулации, но некои од нив се повеќе чувствителни, како што е примерот дека ми било понудено да бидам премиер. Оваа вест не е точна – рече Таравари во изјава за ТВ21.
Информацијата ја објавија повеќе медиуми на албански јазик не наведувајќи кој е изворот на веста.
Во информацијата се вели дека ДУИ ѝ предложила на Алијанса да ја преземе функцијата премиер, во замена за тоа партијата на Таравари на изборите да биде дел од т.н. заедничка листа.
Неодамна, самиот Таравари истакна дека неговата партија ќе оди самостојно на изборите.