Израел побара од дел од западните медиуми да ги објаснат околностите под кои неговите фотографи беа присутни на местото на ненадејниот напад на терористичката група Хамас во јужен Израел на 7 октомври и предупреди дека тие може да се сметаат за соучесници во злосторствата.
Потегот уследи откако про-израелското надзорно тело Honest Reporting во средата објави извештај во кој се гледа дека фотографите кои работат за Асошиетед прес, Ројтерс, Њујорк Тајмс и Си-Ен-Ен објавиле фотографии направени за време на нападот.
Ова покрена сомнеж дека фотографите можеби однапред знаеле за нападот, а се поставило и прашањето за нивната поврзаност со Хамас, пишува Тајмс оф Израел.
АП, Ројтерс и Њујорк тајмс негираа дека имале било какво претходни сознанија за нападот и повторија дека нивната улога била да покриваат ударни вести.
Си-Ен-Ен додаде дека ја прекинала врската со еден од фотографите наведени во извештајот, иако нема причина да се сомнева во „новинарската точност“ на неговата работа. Израелскиот национален информациски систем изјави дека „многу сериозно го сфаќа феноменот на меѓународни медиумски соработници кои им се придружиле на напаѓачите за да ги покријат бруталните масакри извршени од терористите на Хамас“.
Соопштено е дека Канцеларијата за медиуми „издала итно писмо до раководителите на медиумите каде што се вработени овие фотографи и побарало појаснување за случајот“.
„Овие луѓе од медиумите се соучесници во злосторства против човештвото. Ова е кршење на правилата на професионалната етика. Националниот информативен систем бара преземање итни мерки“ – се вели во соопштението.
Израелскиот министер за комуникации Шломо Кархи, исто така, испрати писмо до Њујорк Тајмс во кое тврди дека фотографите и другите во весникот имале претходни сознанија за нападот и го повика весникот да го истражи тоа. „
„Забележавме дека одредени поединци во вашата организација, вклучително и фотографи и други, претходно знаеле за овие ужасни дејствија и можеби одржувале загрижувачки односи со сторителите. Итно барам темелна истрага за оваа работа. Сериозноста на ситуацијата бара брз и темелен одговор“ – стои во реакцијата од израелскиот министер за комуникации до Њујорк Тајмс.
Американскиот весник ги отфрли обвинувањата, посочувајќи дека во случајот со нивниот фотограф Јусеф Масуд, инсинуациите не биле докажани. Тие објавија и дека Масуд не работел за весникот на денот на самиот напад.
„Нашиот преглед на неговата работа покажува дека тој го правел она што фоторепортерите секогаш го прават за време на големите вести, документирајќи ја трагедијата како што се одвивала“ – одговорија од Њјорк Тајмс.
Министерот Бени Ганц, член на воениот кабинет формиран да го надгледува конфликтот, за ова реагираше на социјалните мрежи.
„Новинарите за кои беше откриено дека знаеле за масакрот – а сепак избрале да стојат настрана како неработни минувачи додека се колеле децата – не се разликуваат од терористите и треба да се третираат како такви“ – напиша Ганц.
„Дали е замисливо да се претпостави дека „новинарите“ се појавија рано наутро на границата без претходна координација со терористите? Некои од злосторствата беа фатени од фоторепортери од Газа кои работат за Новинските агенции Асошиетед прес и Ројтерс чие присуство во раните утрински часови на пробиената граница покренува сериозни етички прашања“ – се наведува во извештајот на Honest Reporting.
Веб-страницата наведува четворица фоторепортери чии имиња се појавуваат на сликите на Асошиетед прес од граничната област Израел-Газа на денот на нападот: Хасан Еслајах, Јусеф Масуд, Али Махмуд и Хатем Али. Еслајах, наводно, ја преминал границата со Израел и снимил запален тенк на ИД.
Тој ги фотографирал и напаѓачите како влегуваат во Кибуц Кфар Аз, каде што биле масакрирани десетици цивили. Во извештајот се наведува дека Еслајах бил виден пред тенкот, но не носел прес-елек за да го идентификува како член на медиумите. На интернет се појави и фотографија на која Еслајах го бакнува лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар. Не е јасно кога е направена фотографијата, но се чини дека е направена пред нападот на 7 октомври.