Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова информира дека се уште ги чекаат лабораториските анализи од отпадот во депонијата во Орман и дека очекува најдоцна до понеледник да бидат готови. Таа најави парични казни и најверојатно и кривични пријави за прекршителите.
-Лабораториските анализи уште ги чекаме, за жал. Секој ден сме во контакт со лабораторијата, заедно со Државниот инспекторат за животна средина. Ветија дека ќе ги имаме најдоцна до понеделник. Утврдивме дека таму има незаконски дејствија. Носена е згура од Пробиштип во Скопје и оној што го направил прекршокот прво ќе го санира местото, а и ќе плати за прекршокот. Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор, рече министерката на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023.
Не би сакала, додаде таа, да шпекулирам додека не ги добиеме резултатите, но мислам дека во понеделник ќе ги има и Државниот инспекторат за животна средина заедно со Министерството ќе ја информира јавноста.
На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од сопственикот на отпадот, Шукова истакна дека во моментов не може да даде други податоци бидејќи, како што рече, целата оваа постапка се води од Градот Скопје, а не од државата.
Шукова нагласи дека Минисерството во 2020 година од својот буџет одвоила 20 милиони денари за чистење на депонијата во Визбегово, иако се расчиствува, како што рече, граѓаните постојано ја наполнуваат депонијата со отпад.
– Меѓутоа во овие години, за жал, таа повторно стана нелегална депонија. За жал, граѓаните повторно ја наполнија депонијата. Имаме и еден случај во последните денови, кој е ингеренција на Градот Скопје и знам дека излегоа на увид и таму има на некој приватен посед каде што се носи и се создаваат количини на отпад и тоа е неоправдано и спротивно на законот – рече таа.