Откако ја прифатил „пријателската“ помош од седуммина Пакистанци да го пренесат заедно со поголема група мигранти од јужната до северната граница на нашата земја, млад Сириец сфатил дека му е загрозен животот.
Овој настан се случил на 27 минатиот месец, откако Сириецот побарал од водачите да му биде пружена лекарска помош на неговиот пријател кој бил болен и не можел да го продолжи патувањето. Но тој добил закани по живот од седумтемина Пакистанци. Според неговиот исказ, тие биле вооружени и под присила ја воделе групата од 70 лица за побрзо да ја минат територијата на Македонија.
Барајќи помош за својот пријател, мигрантот го завртел бројот 112 и скришум разговарал со вработените во кол-центарот на ЦУК.
Сето ова за Плусинфо го потврдија од Центарот за управување со кризи, при што ни открија што точно се случувало тој ден.
– Некаде околу 17 часот на 27 октомври добивме повик од лице од Сирија кое ни раскажа накратко што точно се случува и за што бара помош. Се обидовме да го лоцираме, но бидејќи користеше телефон со странски број не можевме да го сториме тоа. Лицето ни кажа дека стравува да не биде фатено од вооружените Пакистанци. Тој ја користеше апликацијата „Ватсап“, ни кажуваше дека се движат, дека гледа река и слично – вели нашиот извор од ЦУК.
Според добиените информации од Сириецот и дека станува збор за вооружена група, ЦУК го информирало Министерството за внатрешни работи. Во потрагата биле вклучени и припадници на специјалните сили, по што биле пронајдени 77 лица.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, го потврди настанот и рече дека нивните информации им биле од помош на припадниците на МВР за побрзо лоцирање на групата која нелегално се движела низ Македонија.
МВР на 27 октомври соопшти дека биле приведени седуммина шверцери од Пакистан, како и 70 мигранти.
„Во периодот од 20 часот синоќа до 02.30 часот изутринава, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ, СВР Струмица и од НЕКМТСЛ, во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, лишиле од слобода седуммина мигранти од Пакистан, поради постоење основи на сомнение дека се сторители на кривично дело – шверцување на мигранти, согласно член 418-б од Кривичниот законик“, беше наведено во соопштението од МВР.
Од полицијата додадоа дека околу 17 часот било пријавено дека јужно од Негорци, во близина на Серменинска Река, се наоѓа поголема група мигранти од Сирија. Групата била во движење и била предводена под присила од неколку мигранти од Пакистан.
„Од страна на РЦ за ГР ЈУГ и СВР Струмица веднаш биле испратени полициски службеници на посочената локација, во содејство со припадници на Одделот за специјални полициски операции. По детално пребарување на теренот, откриени се вкупно 77 мигранти“, пишуваше во соопштението.
Најмногу мигранти имало од Сирија дури 52, од Пакистан – 13, од Турција и од Ирак по пет и од Индија – две лица.
За случајот бил известен јавен обвинител од ОЈОГОК – Скопје, а при што била поднесена привична пријава против седумте мигранти од Пакистан.