Новата песна на „Битлси“, произведена со мала помош од вештачката интелигенција и со вокалот на Џон Ленон, е објавена денеска, повеќе од четири децении откако првично била снимена како демо-трака.
„Now And Then“ (Сега и тогаш), е една од неколкуте песни на касета што Ленон ги снимил за Макартни во својот дом во Њујорк, 1979 година – една година пред неговата смрт. Снимката на Макартни му ја подарила вдовицата на Ленон, Јоко Оно во 1994 година. Другите две песни, „Free As A Bird“ и „Real Love“, биле тонски рафинирани, завршени и објавени во 1995 и 1996 година. „Битлси“ се обидоа да го направат истото со„ Now And Then“, но не можеле да ја отстранат бучавата во позадината од снимката.
Извлекувањето на вокалите на Ленон сега било овозможено со вештачка интелигенција.
„Ни остана гласот на Џон, кристално чист“, рече Макартни.
Напишана и испеана од Ленон во 1978 година, песната ја завршија неговите колеги од поп-рок бендот, Пол Макартни и Ринго Стар – и вештачката интелигенција (ВИ). Макартни (81) го најави објавувањето на песната во јуни, во видео под наслов „Последната песна на Битлси“.
Шон Оно Ленон, синот на Џон и Јоко, изјавил дека е „неверојатно трогателно“ да се слушнат поранешните Битлси како повторно работат заедно.
„Тоа е последната песна која мојот татко, Пол, Џорџ и Ринго ја направија заедно. Тоа е како временска капсула и се чини дека така требало да биде“, додаде тој.