Лога повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овој пат по редовна постапка, откако претходно Собранието на 129. седница со 66 гласа „против“ не го поддржа донесувањето на законот по скратена постапка

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Министерот за правда Кренар Лога повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овој пат по редовна постапка, откако претходно Собранието на 129. седница со 66 гласа „против“ не го поддржа донесувањето на законот по скратена постапка.

– Денеска не се прифати предлогот да биде по скратена постапка. Така што јас пак ќе ја повторам постапката, со редовна постапка. Ако сакаат дежа ву, пак ќе ја имаат таа можност уште еднаш да гласаат за оваа работа. Ако се донесуваат преку ноќ закони за големи риби, тогаш јас имам кажано од прв ден дека сум на страната на граѓаните. И така ќе постапам до крајниот ден кога ќе бидам јас на оваа позиција – порача министерот.

Тој додаде дека предлогот набрзо ќе биде вратен пред пратениците, бидејќи законот е изготвен, и дека нема ниту една забелешка врзана за законот. Тој вели дека е во целосна комуникација со сите политички партии и оти четирите координатори на политичките партии. Лога нагласи дека Собранието предлогот не го прифатил од Владата, а не од министерот за правда.

Запрашан дали со заменик министерка имаат различен став по однос на предлогот, рече дека такво нешто нема.

– Значи интересно е за медиумите да кажат нешто што повеќе ќе биде читано. Како што е кажано од нејзина страна така треба и да се пренесе. Не да извлечете само дел од изјавата за да имате медиумски бум – изјави министерот.
Тој рече дека законот не се однесува на луѓе, туку на кривични дела.

– Овој не е закон за помилување за министерот. Јас спремам закон за кривични дела, не за луѓе. Таквото прашање можете вие да го поставите само до претседател на државата, само тој има право да помилува, не и министерот за правда, не со Закон за амнестија. Ако беше изгласан овој закон тогаш јас ќе излезев и ќе кажев дека тој првиот, вториот, третиот е амнестиран. До тогаш сѐ се шпекулации – вели министерот.

Лога посочи дека е отворен за соработка ако има други барања по однос на законот.

– Има 2.100 осуденици во затвор кои имаат одлежано повеќе од две третини од казните. Има 2.800 осуденици кои се на улица. И сега реториката дека криминалци ќе излезат на улица не е во ред. За ова дали имаат одговор? Јас сакав одговорноста како министер да ја префрлам каде што треба, да прифатат одговорност. Одговорноста за ваквите чекори му припаѓа денеска на Собранието. И за жал си донесоа таков став. Ќе пробам уште еднаш – истакна министерот.

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Северна Македонија и казната ја издржува во земјава врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот.

- Advertisement -
Ad image

Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.

Share This Article