Околу 60 Давидови ѕвезди биле исцртани на ѕидовите на куќите во 14-тиот арондисман во Париз во понеделникот вечерта, објави Би-Би-Си, кој рече дека Франција се бори со нагло зголемување на антисемитски инциденти.
Повеќе од 850 вакви инциденти биле пријавени во Франција од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, изјави министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин. Париските власти најавија дека ќе покренат истрага поради оштетување на имот со расистички намери.
– Плачам затоа што повторно ја гледам омразата на која бевме изложени кога бев дете – изјави жителка на една од зградите каде што осамнаа Давидовите ѕвезди за БФМ ТВ.
Таа додаде дека не може да го разбере тоа. Управата на 14-тиот округ рече дека настаните потсетуваат на оние во 1930-тите кои доведоа до истребување на милиони Евреи.
Емануел Грегоар, заменик на градоначалничката на Париз Ана Идалго рече дека ѕвездите ќе бидат отстранети и дека ќе започне истрага. Антисемитизмот продолжува да убива, рече Грегоар и порача дека никогаш нема да се откаже од борбата.
Политичките лидери, вклучително и претседателот Емануел Макрон, предупредија на ризикот од увоз на тензии поттикнати од војната меѓу Израел и Хамас во Франција. Речиси 400 луѓе беа уапсени минатиот месец поради антисемитски говор на омраза, рече министерот за правда Ерик Дупонд-Морети.