Надлежните државни институции во што е можно побрз временски период да ги завршат потребните законски и подзаконски измени со кои ќе се дефинираат батериските системи како енергетски објекти, за тие да можат да се поставуваат, да се користат за складирање на вишокот електрична енергија и да се даде сигурност на инвеститорите да ги реализираат своите проекти.
Ова го порача Тодор Анѓушев, извршен директор на компанијата ЕМС (Energy Maintenance Solutions), која е членка на групацијата Феро инвест, говорејќи како панелист на првата меѓународна конференција во организација на новата Македонската асоцијација за обновливи извори – МАРЕС.
Тодор Анѓушев посочи дека иако батериските системи не се целосно еколошки, тие се многу потребни во случај кога има голем број изградени фотоволтаици, како што е ситуацијата и во Македонија.
Во своето излагање тој посочи дека групацијата Феро инвест е лидер во обновливите извори на енергија во нашата земја, со над 15 години искуство во областа, а во своето портфолио има мали хидро електрани, фотонапонски централи, една биогасна електрана и трафостаници. Тој додаде дека Феро инвест нуди услуги по принцип „клуч на рака“ за обновливи извори и за други инвеститори, преку правна помош и поддршка, изработка на физибилити студии, проектирање, изградба и пуштање во употреба, па сѐ до следење на работата на електраните и нивно одржување.
Анѓушев нагласи дека многу е важно да се реализираат проектите за обновливи извори кои се предвидени во Стратегијата за развој на енергетиката и тоа да се случува на начин како што е предвидено во стратегијата, за развојот на енергетскиот сектор да биде контролибилен и соодветен на нашиот електро-енергетски систем и притоа инвестициите да бидат исплатливи на среден и долг рок.
Анѓушев упати честитки за формирањето на оваа асоцијација и изрази надеж дека таа ќе биде важен чинител во општеството која ќе помогне да се стимулираат нови инвестиции во обновливи извори на енергија, кои се иднина на енергетиката во Македонија.