Најмалку 31 новинар се убиени досега во војната во Појасот Газа, објави во вторникот невладината организација Комитет за заштита на новинарите (CPJ).
Меѓу нив има 26 Палестинци, четворица Израелци и еден либански новинар, според CPJ, со седиште во САД.
Повредени се осум новинари, а девет се сметаат за исчезнати или приведени.
Има и непотврдени информации за повеќе загинати и исчезнати новинари, закани по новинари и материјална штета на медиумски згради и новинарски резиденции.
„Новинарите во регионот прават големи жртви за да го проследат овој потресен конфликт“, велат од CPJ.
„Особено оние во Газа платија и сè уште плаќаат невидена цена и се соочуваат со експоненцијални закани. Многумина изгубија колеги, семејства и медиумски згради и побегнаа на безбедно кога немаше безбеден излез“, се вели во соопштението.
Организацијата објави список со имињата на загинатите и повредените новинари, меѓу кои има вработени во информативни портали и агенции, како и во радио и телевизиски станици.
Израелската армија претходно ги предупреди новинските агенции Ројтерс и АФП дека не може да ја гарантира безбедноста на нивните новинари во Појасот Газа. Двете агенции побараа гаранции дека нивните новинари нема да бидат цел на израелски напади.