Министерството за надворешни работи за потребите на самитот на ОБСЕ, што ќе се одржи во декември во Скопје, ќе издвои речиси еден милион евра за изнајмување на автомобили со кои ќе се возат министрите на земјите членки на оваа организација, пишува порталот А1.он.
Договорот е објавен на електронскиот систем за јавни набавки, а компанијата „АБЦ Рент а кар турс ДООЕЛ Скопје“ ја понудила најниската цена. МНР ќе изнајми 175 возила, најголем дел од нив автомобили кои ќе се користат 7 до 8 дена.
„Возилата треба да бидат во техничка исправна состојба, со репрезентативен ентериер и екстериер и со полн резервоар гориво. Изминатата километража на ВИП патничките автомобили на денот на примопредавање (24 ноември 2023) не смее да биде поголема од 200.000 километри“, пишува во договорот на набавка.
Изнајмувањето на комбиња за осум патници и на минибус за 20 патници ќе чини дневно по 19.200 денари без ДДВ, односно до 29.000 денари на ден за ВИП автомобил.
Проценките се дека организација на конференцијата на ОБСЕ, на која ќе гостуваат 70 министри, Македонија ќе ја чини 5 милиони евра. Во јавноста веќе предизвика бура информацијата дека фирмата „Еуровиа“ од Тетово, која е еден од донаторите на ДУИ, веќе доби 1,8 милиони евра тендер за да ја подготви спортската арена „Борис Трајковски“ за големиот настан. За оваа зделка поведе постапка и Државната комисија за спречување корупција.