Речиси тројно поголема доверба кај граѓаните ужива лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски(16,5%) пред актуелниот премиер Димитар Ковачевски(5,6%), а третина од граѓаните, 34,2 отсто, немаат доверба во ниту еден политичар сугерира нова телефонска анкета на агенцијата ИПИС. Дополнителни 11,6 отсто не знаат на кој политичар ќе му веруваат. Меѓу албанските партии рејтингот на Али Ахмети останува на врвот со 6,5 отсто.
Интересно е што и рејтингот на поранешниот премиер Никола Груевски, на лидерот на Левица Димитар Апасиев и на Максим Димитриевски се речиси изедначени.
Според истата анкета, речиси дупло повеќе граѓани би гласале за опозициската ВМРО-ДПМНЕ отколку за владејачката СДСМ доколку утре се одржат парламентарни избори, а точно две третини од граѓаните, односно 66,6 отсто, би сакале парламентарните и претседателските избори идната година да се одржат истовремено.
Се работи за телефонска анкета на 1055 испитаници направена во периодот меѓу 25 и 27 декември. Од ИПИС велат дека „заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, беше креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата“.
Земен бил случаен примерок испитаници во кој било запазено да бидат застапени сите различни демографски карактеристики на населението – од пол, националност, старосни групи, образованост и место на живеење според изборните единици, додека Скопје било земено како посебна цели поради своите посебности.