Постои ли опасност претседателските избори во 2024 година да пропаднат, ако вториот круг од изборите не се одржи во ист термин со парламентарните избори?
Многумина сметаат дека и по намалувањето на цензусот на претседателските избори на 40% во јануари 2009 година, за што е донесена одлука на лидерска средба на која имало и идеи цензусот да се спушти и на 33%, ризикот од неуспешни претседателски избори и понатаму е висок.
Го прашавме поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, дали постои ризик да пропаднат следните претседателски избори, доколку владејачката коалиција остане со намера тие да се одржат одвоено од парламентарните.
Велјаноски ја анализира статистиката за последните три избори на шеф на државата, после намалувањето на цензусот.
Така, во март 2009 година се одржани претседателски и локални избори, но во вториот изборен круг на претседателските избори (кога голем број од градоначалниците на локалните избори веќе се избрани), излезноста била прескромни 42,61%.
Во 2014 година претседателските избори се одржале заедно со вториот круг од парламентарните избори и излезноста во вториот круг била значително повисока – 54,36% отсто.
Во 2019 година, пак, претседателски избори се одржале одвоено и излезноста во вториот, одлучувачки круг паднала на ризични 46,65%.
Се чини дека постои јасна закономерност, која го потврдува ризикот од неуспех да се достигне цензусот од 40%, доколку вториот изборен круг на претседателските избори се одржи одвоено од парламентарните избори.
Вељаноски потсетува дека според Уставот, претседателот на Собранието Талат Џафери е тој што треба да ги распише изборите:
– Согласно со околноста дека идната година ќе има и претседателски и парламентарни избори, неопходно е претседателот на Собранието да се грижи за терминот на одржување на двојните избори и при тоа лично треба да е заинтересиран за терминот, затоа што неуспехот на изборите, и непотребните финансиски средства, ќе бидат негов товар негова одговорност. Месец дена се замајува јавноста кога ќе бидат изборите, па се формираат работни групи, па се префрла за тоа кој одлучува и на крај копјето пак ќе се прекрши на претседателот на Собранието, како најодговорен за распишување на изборите – категоричен е Вељаноски.
Според него, токму претседателот на Собранието треба да биде најзаинтересиран да се постигне договор на политичките партии за терминот на одржување на изборите.
– Евентуално неуспешните претседателски избори и потоа формирањето пржинската влада можат да бидат причина предолг период во 2024 година клучните државни институции да се легални, но без легитимитет и целосни надлежности и овластувања, што само по себе создава криза и дополнителна нестабилност во земјата – вели тој.
Единствениот датум кога вториот круг на редовните претседателски избори може да се одржи заедно со редовните парламентарни избори, а тоа да не биде на ден Велигден (5 мај 2024 година) е 8 мај 2024 година.
– Kога веќе сите се помирија со фактот дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат во редовниот термин, сметам дека не треба да се прави од готово вересија и уште веднаш да се избере 8 мај 2024 година како најпогоден термин. Тоа е најдобрата можност да се намали ризикот од неуспешни претседателски избори, што би било вовед во политичка криза – вели Вељаноски.