Познатата британска група „Битлси“ ќе се врати во ноември, 53 години откако се распаднаа, со нова песна снимена благодарение на вештачката интелигенција, која овозможи да се извлечат вокалите на пејачот Џон Ленон од стара снимка и на тој начин практично повторно да се обедини популарната четворка.
Долгоочекуваната нова и последна песна на Битлси „Now and Then“ со сите четворица членови ќе биде објавена следната недела благодарение на истата технологија за вештачка интелигенција (AI) што беше користена за подобрување на звукот во документарниот филм на Питер Џексон „Get Back“.
По атентатот на Ленон во 1980 година, неговата вдовица Јоко Оно во 1994 година на другите членови на групата им ја предала снимката од вокалот и клавирот.
Подоцна го обработија, но никогаш не можеа да го објават бидејќи досегашната технологија не дозволуваше гласот на Џон Ленон да се истакне со задоволителен квалитет. Ова сега е возможно, а беше поттикнато од документарната серија „Врати се“, која ја режираше Питер Џексон во 2021 година. Режисерот на трилогијата „Господарот на прстените“ користел нова технологија за да го извлече гласот на Ленон од аудио лентата, одвојувајќи го од пијаното.
„Еве го, гласот на Џон, кристално чист“, рече Пол Макартни, наведувајќи дека во 2023 година е возбудливо да се работи уште на музиката на „Битлси“ и наскоро да се објави нова песна што јавноста не ја слушнала, објави „Гардијан“.