Заврши снимањето на филмот „Недеља“ за српскиот пејач Џеј Рамадановски, а пред два дена се одржа и проекцијата на првиот трејлер.
Филмот ја раскажува приказната за Џеј од неговата најрана младост до големиот успех што го постигна во регионот како пејач. Насловот на филмот доаѓа од песната „Недеља“, која го прослави Џеј, а тоа е и денот кога починал.
„Филмот „Недеља“ го следи животот на еден од најпопуларните пејачи на овие простори, Џеј Рамадановски. Инспириран од вистински настани, ја раскажува приказната за Џеј од неговата најрана младост до големиот успех што го постигнал. Иако не му било лесно детството кое најмногу го поминувал на улица или во поправните домови, Џеј успеал да го заземе своето место на музичката сцена и преку своите песни станал дел од животот на многу луѓе“, се наведува во најавата на филмот.
Откако на крајот на 2021 година беше најавено дека ќе се снима филм за легендата на народната музика, српските медиуми објавија дека главната улога ќе ја има Хусеин Алијевиќ од поранешната група „Бит стрит“.
Актерската екипа ја сочинуваат Хусеин Алијевиќ, Марко Јанкетиќ, Стефан Вукиќ, Алексеј Бјелогрлиќ, Ален Селими, Ана Пиндовиќ, Златан Видовиќ, Маша Ѓорѓевиќ, Милица Јаневски, Стојша Ољачиќ, Бајрам Северџан, Нела Михај и други. Сценариото го напиша Стефан Бошковиќ, продуцент е Владан Анѓелковиќ, а режисер Немања Ќераниќ.
Цеца Ражнатовиќ ја пее насловната песна во филмот.
Џеј почина во 2020 година на 56-годишна возраст од срцев удар.