Министерот за економија Крешник Бектеши коментирајќи ја бугарската такса за гас изјави дека земјава е уценета.
Според Бектеши, земјава има право на ослободен капацитет на актуелниот гасовод што не поврзува со Бугарија за кој Гаспром плаќа закуп. Тој додаде дека Македонија ќе бара отштета доколку наиде на условување.
-Во делот на гасоводот со Србија, не се закупени капацитетите од страна на Гаспром, а тоа Бугарија го знае. Србија и другите држави можат да користат други извори, освен рускиот гас, за да бидат снабдувани. Во однос на нашата држава, тие сами го дале гасоводот под закуп на Гаспром до 2030 година, освен последните што беа ослободени. Ние минатата година ослободивме неколку количини во делот што го имаме од договорот со Бугарија. Меѓутоа, Бугарија има барање да имаме втор гасовод. Ние до крајот на годината ќе започнеме со изградба на вториот гасовод со Грција, што е приоритет и е целосно поддржан од страна на ЕБОР, ЕИБ и од нашите стратешки партнери. Затоа бараме веднаш да бидат ослободени капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори, вклучувајќи го тука и Азербејџан – рече Бектеши.
Тој смета дека не се прифатливи уцени во однос на инвестициите и дизерфикацијата на изворите за снабдување
-Да уцениш друга држава на ваков начин е неприфатливо и спротивно на начелата на работа на ЕУ. Бугарија треба да ги укине механизмите.Тие уцени нема да им поминат и ние ќе продолжиме да ги диверзифицираме изворите на снабдување. И тука нема да има компромис. Во делот на ослободување на капацитетите – тоа се начела на либерализација што ги бара ЕУ. Не може таксата да важи само за една земја – рече Бектеши.
Бугарија усвои регулативата која предвидува такса од 10,23 евра за мегаватчас гас испорачани преку територијата на таа земја.