More

    Неизвесно е дали „Еуроникел Индустри“ ќе продолжи да работи

    spot_img

    Неизвесно е дали „Еуроникел Индустри“ ќе продолжи да работи. Единствената печка која подолг период е во топло одржување не е исклучена иако беше најавено дека се планира исклучување зашто компанијата не обезбедила струја за нејзина работа. Газдите не кажуваат каков им е планот, а работниците се незадоволни од неизвесноста. Работниците деновиве протестираа со барање да се обезбеди иднина на фабриката и на нивната егзистенција.

    Експерти од областа на рударството велат дека одлуката на раководителите за згаснување и на втората печка во „Еуроникел Индустри“ може да биде само од економски причини бидејќи компанијата не може да работи рентабилно со ниска пазарна цена на никелот и кога цената на струјата е висока. Но, тие велат дека затворањето на оваа компанија лошо ќе се одрази на економијата.

    Состојбата со компанијата се актуализира деновиве откако работниците најавија дека нема да дозволат да се изгасне втората печка и го побараа вториот дел од платата за септември кој не им е исплатен. Дополнително, како што рекоа, слушаат информации дека има несогласување меѓу сопствениците и раководството.

    Денеска работниците преку синдикатот повторно му пишаа на бордот на директори на сопственикот ГСОЛ и на директорот на компанијата со барање да ги исполнат ветувањата според кои фабриката ќе работи и ќе ги добиваат редовно платите.

    „Ветувавте дека и ГСОЛ има план и други инвеститори ќе дадат план и фабриката ќе работи. Каде се сега тие планови за работа и зошто не се остваруваат? Денес фабриката не работи, платата не е исплатена, нема најава за руда, за почеток на производство, за решавање на нашиот статус и нашата иднина. Директоре, 800 вработени, 800 семејства ве чекаат да го исполните ветеното“, се вели во дописот испратен од Синдикатот на „Еуроникел Индустри“, потпишан од претседателот Миле Ѓорѓиев.

    Поранешниот претседател на коморската асоцијација за рударство, Николајчо Николов смета дека не е добро овој капацитет да се затвори, бидејќи е најголем извозник.

    – Сплет на околности прави сопствениците да размислуваат за затворање или продажба на компанијата. Цената на никелот на берзите достигна 18.000 долари по тон што заедно со цената на струјата од 120 евра по мегаватчас, прави работењето да биде нерентабилно или на границата на рентабилност. Компанијата со вакви цени не може да издржи да работи само со една печка, а да не зборуваме за вклучување на двете. Но, ако се исклучи печката е лошо бидејќи за нејзино вклучување ќе треба да се потроши поголема сума на пари, што не би му користело на сопственикот на компанијата. Дополнително, колку што може да се слушне има превирања и во раководството на компанијата, а работниците се незадоволни и вознемирени од случувањата, бидејќи им се заканува отпуштање од работа – вели Николов.

    Според него, нема да биде добро, ако падне одлука за затворање на компанијата.

    – „Еуроникел Индустри“ е најголем извозник од земјава, а тоа ќе се одрази на целокупните состојби во економијата. Проблем е и големиот број на вработени – 800 луѓе, што исто така ќе влијае на состојбите во земјава. Затоа е добро овој производствен капацитет да продолжи да работи – вели тој.

    И гранковиот Синдикат на индустријата, рударството и енергијата (СИЕР) во чиј состав е и Синдикатот на „Еуроникел Индустри“ е со став дека не смее да се дозволи затворање на компанијата, но молчењето на сопствениците и на владините сектори од таа област ги вознемирува иако добиваат поинакви ветувања.

    – И покрај најавата не се случи да биде исклучена печката, а добивме ветување и дека вториот дел од платата ќе биде исплатен неделава. Сето ова ни дава надеж дека брзо ќе имаме појасна слика за тоа што ќе се случува со компанијата. Веруваме дека нема да биде донесена одлука да се затвори и покрај превирањата што ги има во неа – вели првиот човек на СИЕР Игор Герасов.

    Герасов додава дека работниците не се информирани од раководството за тоа што ќе се случува со компанијата, што е спротивно на работничките права и меѓународните трудови стандарди.

    Плусинфо побара одговори од раководството на компанијата за случувањата, но не доби одговор.

    „Еуроникел Индустри“ речиси една година поради високата цена на струјата и ниската цена на никелот на светските берзи се обидува да го одржи производството и да ги задржи вработените на кои има исплаќа минимална плата.

    Компанија последните години остваруваше извоз од околу 200 милиони евра и е трет извозник од земјава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img