Десетици илјади жени во Исланд, вклучително и премиерката Катрин Јакобсдотир, денеска одбиваат да работат во знак на протест против родовиот јаз во платите и родовото насилство.
Посебно се погодени областите каде жените го сочинуваат мнозинството вработени, како што се здравството и образованието.
Планираниот прекин на работата е првиот целодневен штрајк на жените од 1975 година, наведува Би-Би-Си.
Жените денес се повикани да одбијат платена и неплатена работа, вклучително и домашна работа.
Денеска нема да работам, бидејќи очекувам сите жени во кабинетот да го сторат истото, изјави Катрин Јакобсдотир пред протестот.
Според Исландскиот синдикат на наставници, жените го сочинуваат мнозинството наставници на сите нивоа на образовниот систем, вклучувајќи 94 проценти од воспитувачките во градинките.
Околу 80 отсто од работниците во Националната универзитетска болница на Исланд се жени.
Исланд веќе 14 години по ред е прогласен за најдобра земја во светот за родова еднаквост, но земјата не е целосно рамноправна, бидејќи добила вкупен резултат од 91,2 отсто.