Ги повикувам наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.
Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат, истакна премиерот Димитар Ковачевски во врска со утрешниот штрајк на СОНК.
„По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот“, напиша Ковачевски на својот профил на Фејсбук.
Тој посочува дека правото на штрајк е загарантирано право и дека целосно го почитува, но дека социјалниот дијалог е единствениот пат за да се дојде до заеднички решенија.
„Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Оваа Влада докажа дека има слух за барањата и не бега од решенија. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите, па така платите на наставниците кумулативно се покачени за 21 отсто во последните четири години. Но, Владата мора одговорно да го менаџира буџетот и да се грижи за економијата. Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата, а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени“, вели тој.
Премиерот апелира да не запира процесот на образование и да се продолжи со дијалогот за да се најде прифатливо решение.
„Во време на огромна економска криза апелирам на разум и поддршка за заедничко надминување на проблемите. Законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни“, додава премиерот Ковачевски.