Светот полека се движи кон она од што најмногу се стравува – ширењето на израелско-палестинскиот конфликт во Либан, каде што дејствува забранетата милитантна група Хезболах.
По веста дека Израел со тенкови ја нападнал пограничната област во соседен Либан, пред два дена беше објавено дека Светската здравствена организација (СЗО) веќе испратила две пратки со медицинска опрема и лекови во Бејрут како дел од подготовките за потенцијална ескалација на моментално спорадичните гранични конфликти.
„Светската здравствена организација ја забрза испораката на критични медицински материјали во Либан, така што тој е подготвен да одговори на секоја потенцијална здравствена криза“ – беше наведено во известувањето од СЗО.
По СЗО, САД објавија дека официјален Вашингтон го известил неесенцијалниот персонал и нивните семејства да ја напуштат американската амбасада во близина на Бејрут, наведувајќи ја како причина непредвидливата безбедносна ситуација во Либан поради војната меѓу Израел и Хамас.
Стејт департментот, исто така, го подигна своето предупредување за патување во Либан од третото ниво издадено летово на највисокото ниво 4, а на американските граѓани им беше кажано да ја избегнуваат земјата.
Франција го следеше примерот на САД, повикувајќи ги своите граѓани да избегнуваат патување во Либан, додека неколку западни авиокомпании ги прекинаа летовите до земјата.
Британија, Канада, Шпанија, Германија и Австралија исто така издадоа предупредувања за патување во Либан.
Хезболах, од кој сите се плашат и кој во многу земји е прогласен за терористичка организација, повика на „Ден на невиден гнев“ по синоќешниот напад на болница во Газа, при што загинаа повеќе од 500 луѓе.
Во исто време, шефот на политичката канцеларија на Хамас во Бејрут, Ахмед Абдул-Хади, во интервју за Политико рече дека Хезболах сега е „подготвен за голема војна“ против Израел на север, додека Хамас ќе го скрши „сонот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги избрка од Газа“.
Тој, исто така, истакнува дека израелската копнена офанзива во Газа ќе биде еден од клучните предизвикувачи што може целосно да го внесе Хезболах во конфликтот.
-Хезболах нема да потклекне под ничии закани. Времето кога Хезболах сака да војува или не ќе биде поврзано со израелската ескалација и инциденти на теренот, особено ако Израел се обиде да влезе во Газа на терен – истакна шефот на политичката канцеларија на Хамас во Бејрут.