Следните избори ќе бидат референдумско изјаснување за иднината на Македонија, а гласот на секој еден човек е битен, порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на средба со граѓаните како дел од теренската активност „Важно е! Од тебе зависат промените!“ во Миравци. Тој ги повика граѓаните да се вклучат во промените и да не седат дома.
– Ќе има многумина кои ќе сакаат да ве демотивираат, да ве обесхрабрат, ќе има многумина кои ќе ви велат дека „секако ВМРО-ДПМНЕ победува, до мојот ли глас дошло?“. До секој еден глас е дојдено, до секој еден човек е дојдено затоа што следните избори и претседателски и парламентарни се референдумско изјаснување во која насока ќе движи Македонија и каква иднина ќе има Македонија – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека прашањето е дали сакаме ваква предводена од СДСМ и ДУИ полна со криминал, корупција, политички криминалци кои наместо да гледаат за иднината на својот народ, гледаат само за сопствената иднина и џеб или иднина која ВМРО-ДПМНЕ ја ветува со јасен план за развој и економски просперитет.
– Дали иднината повторно ќе продолжи да ни биде онаква каква што изминативе години ја симболизира преку она што се симболизира преку она монструозно и грозоморно дејство на Клиниката за Онкологија, каде поединци на маката на луѓето печалеле или иднина која ние ја нудиме со јасен план и визија за едно модерно вистинско здравство кое ќе одговори на потребите на граѓаните – потенцираше Мицкоски.
Мицкоски исто така праша дали сакаме иднина каква имаме денеска кога нашите најмили, нашите деца и покрај тоа што помина месец и половина од почетокот на учебната година се уште немаат добиено учебници за да може наставниот процес да го следат внимателно и стекнат знаење, или иднина во која ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека има план, има визија и има стратегија како до вистинско образование.
– Како редовен професор на УКИМ знам која е маката на моите студенти и нема потажно кога 8 до 10 студенти на моето прашање како и каде понатаму ми даваат одговор некаде надвор, се чувствуваат обесправени – посочи тој.
Мицкоски се осврна на уште еден горлив проблем во земјава и истакна дека изборот е дали иднина каде што криминалот и корупцијата ќе бидат главен сврзен елемент во владата, тендерите во четири очи, богатењето на грбот на граѓаните или транспарентноста и отчетноста.
– Поминаа речиси две години од последните локални избори и јасно беше дека очекувањата не беа такви, но две години нема сомневање за сторен криминал и корупција на ниту еден човек од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, додека од друга страна во владата кај ДУИ и СДС гледаме на дневна основа. Затоа кога ви велат дека не зависи од вас, дека сè е решено, дека попусто е, да застанете и да се борите до крајната цел, Македонија онаква за кава сонуваме и замислувавме. Не треба да престанеме да се бориме. Ако доволно силно се бориме ќе стигнеме до крајната цел и Македонија ќе биде она за кое секој сонуваше, модерна и европска развиена земја – нагласи Мицкоски.