Палестинското исламистичко движење Хамас денеска соопшти дека еден од нивните воени команданти е убиен во израелски напад во центарот на Појасот Газа. Ајман Нофал, командантот на бригадата Ал Касим, вооруженото крило на Хамас, е убиен во „варварски ционистички“ напад врз бегалскиот камп Буреиџ, се вели во кусото соопштение. Израелската армија сè уште не ги коментира овие наводи.
Во текот на ноќта израелската армија тврдеше дека е убиен припадникот на Хамас, Осама Мазини, што Хамас не го коментираше.
Израелската армија објави снимки од своите воздушни напади во Газа, но и на северот од земјата, на границата со Либан. Во соопштението, израелската страна тврди дека убила еден од лидерите на Хамас, како и дека го уништила главниот штаб на Хамас во Газа.
Околу 3.000 Палестинци се убиени, а 12.500 се ранети во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти денеска палестинското Министерство за здравство.Во соопштението се додава дека во истиот период на Западниот Брег загинале 61 Палестинец, а 1.250 биле повредени.
Израелската војска се подготвува за следната фаза од својата кампања против милитантите на Хамас во Појасот Газа, но плановите може да не ги исполнуваат широко распространетите очекувања за неизбежна копнена офанзива, изјави денеска воениот портпарол Ричард Хехт.
– Се подготвуваме за следните фази од војната. Не кажавме што ќе биде. Сите зборуваат за копнена офанзива. Можеби е нешто поинаку – им рече Хехт на новинарите, според Ројтерс.
На границата меѓу Либан и Израел, каде израелските сили и вооружените групи од Либан имаа серија престрелки, денеска повторно избувнаа судири. Противтенковска ракета истрелана од Либан го погоди градот Метула во северниот дел на Израел, при што беа повредени три лица, според Медицинскиот центар Жив во Сафед.
Неколку часа подоцна, либанската милитантна група Хезболах објави соопштение во кое ја презема одговорноста за нападот. Израел одговори со артилериски напади на неколку локации долж границата, објави либанската државна новинска агенција.