Самата политичка партија ДУИ, немајќи други понуди од економскиот сектор како да им го подобри животот на граѓаните во Тетово, Гостивар, Скопје, Струга и на други места, сега гледа да ја префрли топката кај опозицијата и се обидува на секој можен начин да најде домашни или надворешни актери коишто можат да влијаат на одредена фрагментација во ВМРО-ДПМНЕ.
Ова го изјави поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била посплотена од тоа што е денес. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било покохезивно од тоа што е денес. Затоа, нашиот апел е за да имаме постабилна влада, бидејќи е сигурно дека СДСМ и ДУИ ќе загубат на изборите, најдобро е луѓето да се обединат околу коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да имаме што поголем број пратеници за да можеме да ја оствариме нашата цел, а тоа е формирање нова влада без ДУИ – изјави Милошоски.