Украинските сили во текот на ноќта извршија успешни напади врз воздушните пристаништа и опрема во близина на градовите Луганск и Бердјанск на територијата контролирана од руските сили, соопшти украинската армија.
Русите велат дека успешно пресретнале украински ракети.
– Вооружените сили на Украина извршија добро насочени напади врз непријателски аеродроми и хеликоптери во околината на привремено окупираните Луганск и Бердјанск – соопштија од одделот за комуникации на украинската армија.
Владимир Рогов, руски официјален претставник во деловите под контрола на Москва во регионот Запорожје во југоисточна Украина, рече дека нападите врз Бердјанск не биле успешни.
– Според прелиминарните информации, нашата единица за противвоздушна одбрана успешно пресретнала непријателски ракети – рече Рогов. Податоците за жртви и можни штети се во тек.
Бердјанск е пристанишен град во Запорожје на северниот брег на Азовското Море, кое е поврзано со Црното Море. Ројтерс не можеше да ги потврди извештаите. Од Москва немаше коментар. Од почетокот на својата контраофанзива, Украина врши чести воздушни напади врз териториите под контрола на Русија, со цел уништување на воена опрема.