Советот за безбедност при Обединетите нации синоќа ја отфрли руската предлог-резолуција за „хуманитарен прекин на огнот“ меѓу Израел и Хамас во која беше одбегната директна осуда на терористичките напади на Хамас во кои се убиени повеќе од 1.400 луѓе.
Советот се состана додека Израел се подготвува за копнена офанзива на Појасот Газа, откако во артилериски и воздушни напади се убиени најмалку 2.750 Палестинци.
Само четири земји гласаа заедно со Русија за предложениот нацрт, а четири други, вклучително и САД, гласаа против, додека шест беа воздржани.
Друг нацрт предложен од Бразил, во кој недвосмислено се обвинува Хамас, се чини дека има поширока поддршка и се очекува да биде изгласан вечерва, велат дипломатите.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, изрази жалење што западните земји „ја блокираа заедничката и договорена порака на Советот за безбедност за да ги задоволат чисто егоистичките и политичките интереси“. Москва е „исклучително загрижена поради хуманитарната катастрофа без преседан во Газа и многу високиот ризик од прелевање на конфликтот“ во целиот регион, предупреди руски дипломат.
Велика Британија, која гласаше против рускиот предлог, ја критикуваше Москва за недостигот на консултации и напори за постигнување консензус.
– Не можеме да поддржиме резолуција која не ги осудува терористичките напади на Хамас – изјави британската амбасадорка Барбара Вудворд.
И американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд ја критикуваше Русија што не го спомнува Хамас во документот и оцени дека тој ѝ дава покритие на терористичка група која „тероризира невини цивили“. Таа рече дека тоа е лицемерно.
Амбасадорката на САД додаде дека се согласува советот да преземе акција, но правилна.
Таа оцени дека Хамас ја предизвика хуманитарната криза во Газа и дека не може да се дозволи вината да се префрли на Израел и да се оправда Хамас за „суровоста невидена со децении“.
Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан праша дали советот ќе ја прифати борбата за цивилизација или ќе поттикне „геноцид од џихадисти кои имаат за цел да ги убијат сите неверници“.
Повикан пред Советот, палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур го молеше Советот да не „испраќа сигнал дека животите на Палестинците не се вредни“.
– Не се осмелувајте да кажете дека Израел не е одговорен за бомбите врз главите на Палестинците, не ги оправдувајте убиствата. Она што се случува во Газа не е воена операција. Тоа е агресија од големи размери против нашиот народ, колеж на невини цивили – рече палестинскиот дипломат.
Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци предупреди дека Појасот Газа се соочува со хуманитарна катастрофа без преседан доколку не се обнови снабдувањето со вода и виталните производи.
Дипломатските напори продолжуваат да се спречи „хуманитарна катастрофа“ и да не се запали целиот регион, бидејќи војната меѓу Израел и Хамас однесе најмалку 1.400 животи на израелска страна и 2.800 на палестинска страна.
Советот за безбедност повторно ќе се состане вечер по њујоршко време за да се гласа за нацрт-резолуцијата поднесена од Бразил.
Бразилската нацрт-резолуција експлицитно ги осудува „гнасните терористички напади на Хамас“ и веројатно поради тоа ќе ја добие поддршката од мнозинстввото земји во Советот за безбедност, со поддршка на Вашингтон.
За да биде прифатена, резолуцијата мора да ги добие гласовите од најмалку 9 од 15-те членки на Советот, при што ниту една од петте постојани членки (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина) да не стави вето.