Сторителот на синоќешниот напад во Брисел, во кој беа убиени двајца шведски државјани е приведен, јавија локалните медиуми. Се наведува дека бил застрелан од полицијата во градите, но е жив, пренесе БТА.
Според извештаите на медиумите, Абдесалем Л., роден на 1 септември 1978 година, мигрант од Тунис кој илегално престојувал во Белгија, бил пронајден во кафуле недалеку од домот во кој живеел, во квартот Скарбек во главниот град.
Според локалните медиуми, тој престојува во Белгија од 2019 година и поднел барање за бегалска заштита.
Апсењето уследи по интензивната потера во главниот град по напаѓачот вооружен со автоматска пушка. Белгиската полиција соопшти дека станува збор за „терористички напад“.
– Полицијата отвори оган за време на апсењето – изјави портпаролот на белгиското обвинителство, Ерик Ван Дујс.
Поради опасност од нов терористички напад, бриселската полиција организира придружба на навивачите на шведската репрезентација од стадионот Рои Бодуен, до аеродромот пренесува „Sudinfo“, повикувајќи се на кризниот штаб.
– Напаѓачот изјави дека негови цели биле шведски државјани. Поради тоа, полицијата ќе го следи движењето на шведските навивачи до аеродромот – пишува порталот.
Синоќа во близина на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел, каде што се играше квалификацискиот натпревар за Европското првенство П 2024 меѓу Белгија и Шведска, беа убиени двајца навивачи облечени во дресови на шведската репрезентација. Средбата беше прекината од безбедносни причини. Околу 35 илјади луѓе кои дојдоа на натпреварот меѓу репрезентациите на Шведска и Белгија чекаа четири часа на евакуација на стадионот по инцидентот.