Арон Тејлор – Џонсон е главниот фаворит да стане следниот Џејмс Бонд, ексклузивно дознава „Дејли мејл“. Британскиот таблоид наведува дека тој е најверојатниот кандидат за оваа улога.
Откако Даниел Крег се повлече од улогата на 007 по пет филмови, се шират гласини за тоа која ѕвезда ќе ја замени иконата.
Сега инсајдер открива дека британскиот актер (33) е многу блиску до добивање на улогата, а режисерот на „Опенхајмер“, Кристофер Нолан (53), најверојатно ќе го води следниот филм од франшизата.
„Арон Тејлор – Џонсон во моментот е фаворит за улогата, тој е првиот избор на Барбара Броколи“, тврди изворот.
За Кристофер Нолан додал: „Тој е исклучително заинтересиран да направи нешто многу поразлично со франшизата. Внимателно одбира со кого работи и сè уште не е познато дали ќе влијае на изборот на Арон Тејлор – Џонсон“.
Нолан е познат по тоа што постојано користи слични актерски постави во неговите филмови, а работеше со уште еден потенцијален Бонд – Том Харди, на три филма: „Inception“, „Dunkirk“ и „The Dark Knight Rises“.
Нолан работеше со Тејлор-Џонсон на филмот „Tenet“ од 2020 година, во кој актерот го играше споредниот лик Ајвс.
„Кога имате можност да работите со некој како Крис Нолан, само се надевате дека ќе успеете да го остварите тоа“, изјави Арон за „ТХР“ во 2020 година.
Џејмс Бонд, познатиот британски шпион со дозвола за убивање, со децении е признаена фигура во филмскиот свет. Уште од неговото прво појавување во филмот „Dr. Nо“ од 1962 година, ликот на Џејмс Бонд стана синоним за шпионски филмови, британски шарм и акциони спектакли.
Низа исклучителни актери, од Шон Конери до Даниел Крег, го дадоа својот придонес во обликувањето на овој уникатен лик. Секој од нив го толкуваше Џејмс Бонд на свој начин, создавајќи низа незаборавни филмски моменти.
Но, со текот на времето доаѓаат промени, а откако Крег ги остави пиштолот и оделото во 2021 година, се соочуваме со прашањето кој треба да биде следниот Џејмс Бонд. Дали новиот Бонд ќе ја продолжи традицијата на суптилна елеганција и британски стил или продуцентите ќе тргнат во друга насока и радикално ќе го променат начинот на кој гледаме на овој легендарен шпион?
Продуцентите Барбара Броколи и Мајкл Вилсон поставија три услови за новиот 007: тој мора да биде Британец, да е доволно млад за да може да го игра Бонд најмалку 15 години и мора да биде маж.
ФОТО: Инстаграм