Израелската армија денеска објави нова временска рамка за движење на цивилите во северниот дел на Газа на југ од областа. Жителите можат да заминат од 10 часот по локално време до 13 часот по препорачаната рута, напиша портпаролот на израелската армија на арапски во објава на Икс, платформата порано позната како Твитер.
„Вашата безбедност и безбедноста на вашите семејства е важна. Ве молиме следете ги нашите упатства и тргнете кон југ. Бидете сигурни, лидерите на Хамас веќе ја осигураа својата и безбедноста на нивните семејства“, се вели во објавата на ИДФ, Израелската одбрана.
Израелската војска најави дека нема да ја нападне рутата во таа временска „рамка“. Луѓето кои се грижат за безбедноста на своите семејства треба да се упатат кон југ, се вели во соопштението на израелските вооружени сили. Имаше информации и дека Хамас ги спречува цивилите да бегаат.
Израел постојано ја обвинува исламистичката организација Хамас дека го злоупотребува сопственото население како жив штит. Израел, исто така, користи летоци за да ги пренесе повиците за евакуација до жителите на Газа.
Израелската војска тврди дека стотици илјади Палестинци веќе се преселиле во јужниот дел на Газа по претходните повици за евакуација.
Израел ја одложи својата најавувана тројна инвазија од копно, море и воздух за неколку дена поради лошите временски услови, напиша Њујорк Тајмс доцна навечер во саботата.