Катарина Баќовиќ од Подгорица е уапсена по наредба на Основното државно обвинителство во Подгорица, под сомнение дека е членка на криминалната група која упаднала во депото на Вишиот суд во Подгорица, објави црногорскиот весник Вијести.
Според нивните информации, таа била уапсена во Подгорица, во подрумскиот стан во кој се криела од средината на септември.
Информацијата за лишувањето од слобода на Баќовиќ за весникот официјално ја потврдил првиот човек на Основното државно обвинителство во Подгорица, обвинителот Душко Милановиќ. Покрај Баќовиќ, уапсени се уште четири лица осомничени дека биле поврзани со копањето на тунелот и упад во депото на Вишиот суд во Подгорица.
Црногорската полиција по Баќовиќ трага од средината на септември.Таа е идентификувана како лицето кое го изнајмило станот од каде членовите на криминалната екипа ископале тунел до Вишиот суд.
Во истрагата за претресот на просторијата во која се чувале судските докази, била сослушана и нејзината мајка Маја Баќовиќ, инаку управител на судската писарница, која негирала вмешаност во тешката кражба.
Провалата на судското депо е забележана на 11 септември, кога надлежните прво утврдиле дека некој претурал по доказите, а потоа е откриено дека крадците во депото влегле преку подземен тунел поврзан со приватен стан на истата улица.
Првата поголема трага во случајот, комбето што го користеле осомничените, полицијата го пронашла на 13 септември.
Ден подоцна нашле и стан во подгоричката населба Забјело, каде наводно се наоѓала нивната база.
Оперативните податоци на полицијата укажуваат дека водачите на кавачкиот криминален клан го организирале копањето на подземниот тунел, а инспекторите сѐ уште утврдуваат која била нивната главна цел.