До крајот на 2023 година ние може да имаме вкупно 510.000 граѓани што се во умерена сиромаштија. Тука спаѓаат сите што имаат помалку од 200 денари на ден, што значи повеќе од четвртина од државата ќе имаат само за преживување, истакна економскиот истражувач проф. д-р Бранимир Јовановиќ на панел – дискусија на тема „Достоинствен живот или преживување?“.
На дискусијата организирана од Македонската платформа против сиромаштијата, по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, 17 октомври, Јовановиќ ги презентираше наодите од студијата „Влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во Македонија“, која мери и проценува за колку ќе се зголеми сиромаштијата во државава како последица на поскапувањето, односно во 2023 година споредено со 2021 година.
Во анализата направена е процена за два вида сиромаштија – екстремна и умерена. Во екстремна сиромаштија спаѓаат оние кои живеат со помалку од 60 денари на ден, а во умерена сиромаштија се луѓе што живеат со помалку од 200 денари на ден.
Резултатите од анализата покажуваат дека екстремната сиромаштија, како последица на оваа криза, ќе порасне за најмалку 12.000, а најмногу 28.000 лица, што изнесува помеѓу 20 и 50 отсто зголемување во однос на претходната состојба. Пред кризата земјава имала 56.000 луѓе што живеат во екстремна сиромаштија.
Тој нагласи дека во умерената сиромаштија бројките сè уште поголеми, односно таа ќе порасне за помеѓу 80.000 и 160.000 лица. Пред кризата таа бројка била околу 360.000 луѓе, сега според најновите податоци може да достигне до 510.000, рече тој.
Неговите препораки се државата да ги замрзне цените и да ги држи замрзнати подолг временски период, да се спречи растот на цените и да се стави под контрола инфлацијата и паралелно со тоа да се зголемат сите примања на луѓето.
Со ова нема да се намали тој број. Бројот на сиромашни драстично ќе порасне, но барем малку да се ублажи, порача Јовановиќ.