Денес во Охрид, во хотелот Милениум Палас, започна првиот дел од тридневниот семинар, “Напредна академија за лидерство 2022“, во организација на Германската политичка фондација “Ханс Зајдел“ и фондацијата “Балкан нет“, под покровителство на Советот на Европа. Програмата на семинарот е интерактивна обука, посветена на градоначалници, општински лидери и раководители на сектори во општините. На семинарот учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Пред учесниците на семинарот се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Посакуваното лидерството, демократските процеси, и развојот на општествата од регионов, денес како никогаш претходно ни се повеќе од потребни. За да изградиме стабилни и просперитени земји, исклучително ни се важни локалните самоуправи, како еден од најважните столбови на непосредно одлучување на граѓаните и темел на модерната демократија. Се разбира дека туку има голем простор за натамошно учење и усовршување на сите инволвирани во носењето на одлуките, креирањето на правилни политики и постигнување на оптимални резултати. Убеден сум дека учесниците на семинарот ќе се стекнат со нови вештини и знаења, кои ќе можат практично да ги применат во своите средини. Дозволете ми да го искажам моето мислење дека, вистинското лидерство најдобро се оценува според резултатите и наследство што го оставате зад себе, а не според вербалните ветувања и програмите кои сте ги зацртале.
Почитувани присутни,
Верувам дека и покрај обемната програма, ќе најдете време и за обиколка на вечниот и древен Охрид, кој со своето неизмерно културно, историско и природно богатство, ќе ве натера повторно да ни дојдете во нашиот град – истакна во своето обраќање Пецаков.
Програмата на семинарот првенствено е фокусирана на три области: развој и подобрување на индивидуалните лидерски вештини, вовед во техники неопходни за управување со луѓе и организации, како и вовед во развивањето, планирањето и разбирањето на меѓународните проекти и програми. Вториот дел од семинарот ќе се одржи во текот на месец јули во Банско, Република Бугарија